Кромидот најчесто го додаваме во секое јадење, претходно пропржан и издинстан, а многу е здрав и доколку се јаде самостено потпечен во рерна. Последниве години се појавија и некои верзии на похувани прстени од кромид, но ова е нешто сосем ново, нов начин на приготвување на овој зеленчук. Подгответе вкусни кромидови ќофтиња.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 главици кромид со средна величина, 1 компир поголем, 2 јајца, 40 г брашно (2 супени лажици), 40 г пченкарно брашно (2 супени лажици), свеж магдонос (една китка), по 1 лажичка сол црн пипер, чили, ким, мајчина душичка или зачини по ваш вкус.

За да ја отстраните „горчината“ или оној карактеристичен вкус на кромидот, ќе ви биде потребно: 1 литар вода и 2 чајни лажички сол. За пржењето ќе ви биде потребно околу 90 мл масло.




ПОСТАПКА: Кромидот излупете го и исчистете го, па потоа исечете го на тенки полумесечинки (главицата прво исечете ја на половина, а потоа секоја половина на тенки лентички).




Исечканиот кромид ставете го во некој подлабок сад и посолете го со две лажички сол (16 г). Прелијте го со 1 литар ладна вода. Промешајте го кромидот, најдобро со раце, па на овој начин уште подобро ќе се раздели на лентички. Ова помага да се отстрани од кромидот оној негов карактеристичен „горчливо-лут“ вкус.




Процедете го низ раце и префрлете го кромидот во друг сад. На страна излупете еден поголем компир, изрендајте го и исцедете го од течноста. За да не потемне, најдобро е да го рендате во вода, а потоа само да го процедите низ цедалка, и низ раце да ја истискате вишокот течност.




Во садот со кромид и рендан компир додајте и две јајца, 40 г бело брашно, 40 г пченкарно брашно и по една лажичка зачини по ваш вкус. Во овој случај јас додадов една лажичка сол, една лажичка црн пипер во прав, една лажичка мајчина душичка, една лажичка кумин и една лажички чили.




На крај додајте ситно исечкан магдонос, претходно убаво измиен и исцеден. Може да ставите цела една богата китка магдонос или количина по желба. Добро промешајте ги сите состојки додека да се изедначат. Мешајте со лажица, но полесно е со рака.




Кога добро ќе се соединат сите состојки, кромидот е спремен за готвење. Во нелеплива тава ставете околу 90 мл масло за готвење и загрејте го на умерена температура. Со помош на длабока лажица или мал сад, формирајте топки од смесата и спуштајте ги во загреаното масло.




Смесата е сува, не е леплива, секоја лентичка од кромидот се двои, па така не очекувајте дека ќе добиете правилни форми. Важно е добро да ги стегнете „топките“ за да бидат компактни. Дополнително ќе се соедини смесата кога ќе се испржи.




Пржете на умерена до висока температура, односно прилагодувајте ја температура во текот на пржењето (намалувајте и појачувајте). Кога ќе забележите дека на краевите започнало да заруменува, со помош на лопатка превртувајте ги „топките“ и пржете ги од другата страна.




Пржете по неколку минути додека од двете страни убаво да зарумени, а потоа вадете ги во сад обложен со хартиена салветка. Ова вегетаријанско јадење е евтино, а многу вкусно. Моѓе да се послужи како прилог на некое јадење, но и самостојно како закуска со некој сос. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.