Оваа лисната пита која уште се нарекува “турки катмер” ќе ве освои и со мирис и со вкус. Изработката е многу едноставна и лесна. Потребна е само добра волја и многу љубов за своето семејство, па ќе ја приготвите највкусната пита на светот. Подолу има и видео за постапката.
Потребни состојки:
300 мл млеко
150 г кисело млеко
2 лажички сол
1 прашок за печиво
Брашно по потреба за да замесите средно меко тесто. Пригответе 1 кг, бидејќи ќе ви треба и во текот на месењето.
За премачкување на корите:
250 г путер
150-200 мл масло
Путерот растопете го, па додадете го маслото и промешајте.
За фил:
500 г сирење
300 г младо кромитче
Постапка:
Во подлабок сад ставете 2 чаши млеко (околу 300 мл) и половина канче кисело млеко (150 г), 2 рамни лажички сол, прашок за печиво, па со постепено додавање на брашното замесете средно меко тесто.
Откако убаво ќе го замесете, формирајте еден вид валјак, па поделете го на две половини. Секоја половина поделете ја на три еднакви делови, така што ќе добиете шест топчиња. Секој дел добро измесете го и формирајте топче.
Топчињата наредете ги врз набрашнета површина и одозгора наросете ги со малку брашно. Покријте ги и оставете ги да отстојат 15-тина минути. За тоа време растопете 250 г путер/маргарин на наслаба температура, па додадете 150 мл масло и промешајте за да се изедначи.
Во друг сад ставете ситно исечкан кромид, посолете го и со раце малку изгмечете го за да омекне (бидејќи нема да се динства). Потоа додадете 400-500 г ситно сирење и промешајте.
Развлечете ги сите шест кори во поголем круг, а потоа премачкајте ги преку целата површина со растопениот путер. Потоа започнете со диплење на кората. Превртете една третина од кругот, премачкајте ја одозгора, а потоа преклопете ја од другата страна, така што ќе добиете форма на правоаголник. Премачкајте ја одозгора, па поклопете една третина и завршете така што ќе добиете квадрат. Ова е постапката за да се добие лиснато тесто.
Потоа земете ја следната кора, премачкајте ја преку целата површина со растопениот путер, а потоа првата спакувана кора ставете ја средина. Премачкајте, па започнете со виткање на кората, на ист начин како и првата. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото. Кога ќе ја спакувате и третата кора, тестото ставете го врз намастена чинија и завиткајте го во фолија и оставете го половина час во фрижидер за да се стегне путерот. Целата постапка повторете ја и со останатите три кори.
Откако тестото ќе отстои во фрижидер, префрлете го врз набрашнета површина и развлечете правоаголна кора. Намастете ја со растопениот путер, во средината наредете половина од приготвениот фил и преклопете ја во долгнавест правоаголник.
Вака приготвените пити ставете ги во намастен и обложен со хартија плех, па со жилет или остар нож засечете го тестото. Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени. Одозгора премачкајте ги со изматена жолчка со малку млеко, па печете околу половина час и по потреба намалете на 180 степени, во зависнот од вашата рерна. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: