Масленицата е една од омилените пити на Балканот која може да се јаде празна, како самостоен оброк или да се послужи со главно јадење. Секако, оригиналниот рецепт за оваа пита се базира само на маслото и путерот, но може да го пробате и следниот рецепт за масленица со кисела павлака.




Она што е особено важно при подготовката е дека мора да биде убаво испечена, добро намастена и дебело премачкана со павлака. Дали е подебела или потенка кората, како ќе ја развлечете, склопите во рерна, тоа и не е толку важно. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг меко брашно, околу 600 мл вода (се додава по потреба), 2 лажички сол, 6 лажици масло. ЗА ФИЛ: 1,3 литри вода, 2 лажички сол, 2 лажици кисела павлака, 2 лажици масло, 700 г павлака 20% мм. За премачкување на корите ќе ви биде потребно: 250 г путер, 200 мл масло.




ПОСТАПКА: Просторијата во која се прави питата мора да биде топла. Брашното се маша со солта и маслото, на собна температура, постепено се додава млака вода, се замесува убаво тесто кое не треба да се лепи. Тестото се дели на два еднакви делови и се става во кесичка подмачкана со масло да отстои еден час.




Потоа тестото се вади откако ќе нарасне и се става на набрашнета површина, па повторно секој дел се дели уште еднаш, па се добиваат 4 топчиња. Со оклагија, тестата се развлекуваат со големина на чинија. Тестото премачкајте го со масло и оставете го да одмори додека да омекне толку за да може да се развлече уште малку, отприлика уште половина час во топла соба.




Настрана, растопете го путерот со 200 мл масло. Почнете да ги растегнувате корите на масата покриена со чаршав, така што ќе го развлекувате тестото од средината кон краевите, па истенчете ги корите и повлечете ги кон рабовите на масата додека да се истенчат целосно сите краеви.




Посипете растопена маст по целата кора, како што ќе го развлекувате своевремено. Преклопете го листот од едната страна на масата, а потоа од другата. Повторно намастете ја кората. По потреба преклопете уште еднаш додека листот да се направи квадрат со големина на плех од рерна, односно 30х40.




Ставете во подмачкан плех. По истиот принцип подгответе ги и останатите кори, па редете ги во подмачканиот плех (секоја кора се намастува, пред да се стави новата одозгора). Печете во претходно загреана рерна на 250 степени додека да порумени, па намалете ја на 200 степени и печете уште 40 минути.




Направете го преливот (кој треба да зоврие) така што ќе ги измешате сите состојки во тенџере, освен 700 г кисела павлака. Испечената, жешка масленица прелијте ја со врелиот сос и покријте ја со друг плех. Оставете додека да ја впие целата течност. Откријте ја, намачкајте со павлака, исечете ја на големи коцки и послужете ја топла.




Бидејќи секоја коцка има неколку слоеви – листови, на секоја коцка додавам по половина лажица павлака, бидејќи ова е пита што ја „впива“ павлаката. Послужување: Послужете со пржена пилешка шницла и сезонска салата…а може да биде и самостоен оброк. / Сoolinarka.com