Убави, меки, сунѓерести, добри за промена од вообичаените палачинки на кои имаме навикнато…Некој ги сака обичните тенки како лист палачинки, други ги сакаат американските или јапонските палачинки, а овојпат пробајте ги арапските палачинки кои се приготвуваат со гриз и квасец за да имаат повеќе меурчиња.
Ќе ви претставиме два рецепти од кој првиот има и видео презентација, а вториот е постар рецепт од наша читателка. Состојките се слични, прочитајте ги и двата, па одлучете се за оној кој повеќе ви одговара. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 2 чаши (од 200 мл) топла вода, 1 чаша млеко, 1 чаша гриз, 2 чаши брашно, 1 супена лажица шеќер, 1 чајна лажичка сол, 1 лажичка сув квасец (1/2 кесичка), 1 лажичка прашок за печиво, 1 јајце, ванилин шеќер
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 250 г брашно, 250 г гриз, 1 јајце, 1 прашок за печиво, 1 сув квасец, 1 мала лажичка сол, 2 мали лажички шеќер и топла вода за замесување на тестото
ПОСТАПКА (рецепт 1): Во подлабок сад ставете две чаши топка/млака вода, додајте една чаша млако млеко, една лажица шеќер, една лажичка сол, половина кесичка сув квасец и едно јајце отстојано на собна температура. Промешајте со жица-маталка додека да се растворат состојките.
Потоа додајте една чаша гриз, промешајте и додајте две чаши брашно и половина кесичка прашок за печиво. Најдобро би било доколку го просеете брашното. Изматете добро додека сите состојки да се изедначат и да добиете мазна смеса без грутчиња, со конзистенција на течен јогурт.
Садот со смесата покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете на топло место да ферментира околу еден час. За тоа време квасецот убаво ќе се активира и смесата ќе запени и ќе го удвои својот волумен. Промешајте со лажицата и смесата е спремна за пржење.
На умерен оган загрејте намастена нелеплива тава, па пржете ги плачаинките вообичаено, по неколку минути од двете страни додека да добијат златна боја. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ. Во продолжение прочитајте ја постапката за приготвување на вториот рецепт:
ПОСТАПКА: (рецепт 2): Прво разматете го квасецот со малку млака вода. Во друг сад ставете ги брашното, гризот, солта, шеќерот, прашокот за печиво. Убаво измешајте па додајте ги јајцето и разматениот квасец, па со топла вода постепено додавајте и матете да добиете тесто како за обични палачинки.
Тестото се остава да отстои околу еден час и пред печењето се промешува. Првиот пат тавчето се намастува со малку масло, па се става една кутлача од смесата и се пече на тивок оган само од едната страна.
Ќе забележите како се создаваат меурчиња, мали балончиња. Кога е суво и одоздола убаво заруменето – тогаш арапската палачинка е готова. Печете додека да ја потрошите смесата.