Погачите ми се омилено јадење од детството и секогаш кога ги правам, имам убави спомени. Има милион рецепти за различни погачи, а денес ќе ви претставам еден прекрасен рецепт за погача-колач со сусам која се излеава во тавче. Може да користите обично бело брашно, но може и да го измешате со остро или пченкарно брашно.




Интересно е тоа што сите состојки се мешаат за 5 минути, а потоа смесата се излева во специјално нелепливо тавче, некое слично за подготовка на куглоф или во обична подлабока тава обложена со хартија за печење. За почеток, еве кои состојки ви се потребни за оваа превкусна погача:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја шеќер, 3 јајца, 1 помала лажичка ванила, 1 шолја јогурт, 1/2 шолја масло, 1 1/2 чаша брашно, 1 голема лажица прашок за печиво, прстофат сол. Како мерка се користи една иста чаша, може од 200 мл.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што ќе ја подготвувате смесата додајте 1 шолја шеќер. Веднаш скршете ги трите јајца и малку промешајте со жица/маталка додека шеќерот да се растопи во јајцата, а тие да станат пенасти.




Додајте 1 помала лажичка ванилин екстракт и започнете смесата да ја матите под миксер додека да стане кремозна. Прво, се започнува со матење на најмала брзина, па постепено се зголемува брзината на миксерот. Матете додека да добиете бела пенаста смеса.




Кога ќе ја изматите смесата, додајте 1 шолја јогурт (може да биде грчки јогурт) и веднаш потоа додајте половина чаша масло. Продолжете да ја миксате смесата додека да се изедначат состојките. Низ сито, додајте 1 1/2 чаша брашно, измешано со прстофат сол и 1 голема лажица прашок за печиво.




Понатака состојките се матат со жица додека да се впие брашното и смесата да стане густа, хомогена, без остатоци од грутчиња и да не се лепи на дното. Смесата треба да наликува нешто погуста од онаа за палачинки. Потоа земете еден сад и добро намастете го со полурастопен путер, со помош на четкичка.




Тавата се намастува на дното и од страните, па потоа одоздола се наросува обично со бел сусам кој треба да се залепи на путерот. По малку, наросете и од страните на тавата со сусамот. Смесата која ја подготвивте излејте ја во калапот и со шпатула измазнете ја на површината.

Погачата се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, 35 минути. По печењето, се остава малку да се олади, па се превртува од обратната страна, за сусамот да дојде одозгора и се сече на триаголници, па се послужува. Питата може да се прави и во солена варијанта, во тој случај е како проја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Втор рецепт – солена варијанта. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 шолји пченкарно брашно, 2 шолји пченично брашно, 1 прашок за печиво, 1 шолја масло, 150 г фета сирење (за посна верзија -посна урда), 200 мл јогурт (за посна верзија -газирана вода или посно млеко или јогурт), 1 шолја газирана вода, малку сол.

ПОСТАПКА: Сите состојки добро измешајте ги. Во плехот ставете една лажица маст (путер/маргарин), па ставете во загреана рерна да се растопи и на тој начин да се добие крцкавиот дел од кората, па одеднаш истурете ја смесата во плехот и по желба поросете со сусам. Печете на 220 степени.