Ова е најпамучната чоколадна торта која некогаш сум ја направила. Од само 5 состојки кои ќе ви завршат работа да направите брз и вкусен десерт. Одозгора може да ја филувате со што сакате, но и вака шуплива е доста сочна.




Покрај тоа, расте ептен голема додека се пече, па досега сите гости ми рекле да им исечам мало парче, а откога ќе ја пробаа, побаруваа и второ, но подебело.. Исто и дечињата многу ја сакаат, бидејќи ги потсетува на купечките мафини.




Секако оваа торта може да ја користите и за подготовка на други колачи и торти, со тоа што ќе сечете потенки ленти и ќе ги филувате со некој крем по ваш избор. Познавам многу домаќинки што го користат овој рецепт за подготовка на бисквит/кора (база) за некоја друга торта.

Потребни состојки: 5 јајца (се одвојуваат белките од жолчките), 80 г брашно, 25 г какао, 130 мл млеко, 65 мл масло за готвење, прстофат сол и 110 г шеќер.




Постапка: Во еден сад одвојте ги жолчките од белките. Белките кои сте ги издвоиле во друг сад, покријте го со проѕирна фолија и ставете ги настрана бидејќи ќе ви бидат потребни на крајот. Земете едно тенџере и ставете го маслото за готвење.




Ставете на рингла на ниска температура и почекајте малку да се загрее. Измешајте ги брашното и какаото. Кога маслото ќе се загрее, оваа сува мешавина просејте ја низ сито во маслото и измешајте со кујнска жица додека да се формира темна чоколадна структура.




Во тенџерето додајте ги жолчките и посолете со прстофат сол, па добро измешајте. Треба да се формира густа смеса која ќе почне да се соединува како тесто. Оваа смеса разредете ја со млекото. Повторно промешајте, а млекото додавајте го на двапати за да избегнете формирање на грутки.




Кога ќе се направи чоколадна смеса, тргнете го тенџерето од рингла. Сега изматете ги со миксер белките и постепено додавајте го шеќерот. Јас шеќерот го додавав на трипати. Формирајте пенаста структура и завршете со миксање на најмала брзина.




Додајте 1 полна лажица од пената во чоколадната смеса и измешајте добро. А потоа целата чоколада прелијте ја во пената од белки и соединете во еднолична смеса. Земете еден квадратен калап и во него поставете хартија за печење која ќе се издигнува во висина.




Значи хартијата треба да биде доста висока бидејќи тортата ќе расте. Заборавив да ви напоменам дека мојот калап е со димензии 16,5 х 16,5. Излејте ја смесата во калапот и протресете го малку калапот за да излезе воздухот.




Ставете го калапот во голем плех наполнет со топла вода и ставете на печење во претходно загреана рерна на 150 степени, околу 1 час. Печете на најдолната решетка во рерната. По печењето оставате малку тортата да се излади.

Оваа торта може да ја јадете веднаш или да ја поделите напречно на 2 или 3 еднакви делови и секој дел да го филувате со некој крем, а може и одозгора да прелиете со чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.