Овие проја-мафини ми се едни од омилените, бидејќи не само што се многу вкусни, туку се и многу здрави, па можам да ги јадам цел ден без проблем. Еднаш ги правам со сирење, друг пат со праз, а некогаш додавам и нешто зелено, во зависност од сезоната.
Кој сака, може да додаде и една-две ситно сечкани црвени пиперки, па се добива и убав, декоративен пресек. Првиот рецепт за проички со праз го имам запишано од Злата Периќ, а вториот рецепт, со сирење, од Николинка Касап. И двата рецепти се лесни и едноставни, состојките се мерат со чаша.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 чаша масло за готвење, 1 чаша млеко, 1 чаша газирана вода, 1 чаша кисела павлака, 300 г ситно сирење, 2 чаши пченкарно брашно, 2 чаши бело пченично брашно, 1 голем страк праз ситно исечкан, 1 прашок за печиво (10-12 г). Сол се додава по желба, а чашата е од 200 мл.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г фета сирење, 3 јајца, 3 шолји (од 200 мл) бело брашно, 3 шолји пченкарно брашно, 3 шолји газирана вода, 1 шолја масло и 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г)
ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 1: Празот убаво измијте го, отсечете му го коренот и ситно исечкајте го. Потоа посолете го и убаво истискајте го со рака или со чекан за месо за да омекне. Нема потреба од препржување, во текот на печењето убаво се зготвува.
Во еден подлабок сад пенасто изматете ги јајцата додека убаво да запенат и да згуснат. Потоа постепено една по една додавајте ги течните состојки додека непрекинато матите: маслото, па јогуртот и на крај млекото.
Во посебен сад измешајте ги двата вида брашно заедно со прашокот за печиво, па постепено додајте ги во течната мешавина од јајца. Матете додека да се впие сето брашно и да не остане ниту едно грутче.
Во мазната хомогена смеса додајте го ситнотосирење и исечканиот праз. Промешајте за да се распореди рамномерно. Во калапите за мафини наредете ги хартиените корпички и наполнете ги две третини. Печете ги во претходно загреана рерна на 180-200 степени додека да заруменат. Многу слично се приготвува и вториот рецепт:
ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 2: Изматете ги убаво јајцата, па додајте го маслото и газираната вода. Убаво соединете. Брашната измешајте ги и додајте го прашокот за печиво. Додајте ги во смесата од јајца.
Изматете убаво за да нема грутчиња. На крај, кога ќе добиете убаво полутечно, густо и мазно тесто, додајте го ситното сирење. Вклучете ја рерната да се загрева на 200-180 степени. За тоа време пригответе ги хартиените калапи за мафини.
Полнете ги калапите но не претерувајте, нека има барем еден прст празнина или 2/3 од калапот, бидејќи при печењето проичките ќе нараснат. Ставете ги да се печат додека убаво да заруменат и послужете ги топли.