Чоколаден пудинг колач – Сочен и превкусен, постар рецепт, одличен десерт – Многу вкусен колач по стар рецепт со многу вкусна подготовка. За приготвување на овој колач ќе ви бидат потребни следните состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 ванилин шеќер, 200 г шеќер, 100 мл масло, 190 г брашно, 2 лажици какао, 2 лажички прашок за печиво, кората се пече 20 минути на 180 степени. Калап 24х24 см или слични димензии
За крем ќе ви биде потребно: 2 јајца, 200 г шеќер, 1 ванилин пудинг, 3 лажици брашно, 600 мл млеко, 200 мл слатка павлака и 150 г маргарин. За глазура ќе ви бидат потребни уште следните состојки: 200 г чоколадо, 60 г маргарин и 50 мл млеко.
ПОСТАПКА: Јајцата изматете ги пенасто, а додека ги матите со миксер, постепено додавајте го шеќерот. Додајте го прашокот од една кесичка пудинг со вкус на ванила и три лажици брашно. Измиксајте ја смесата додека да се соединат сите состојки и добиете густ крем без грутчиња.
Во густата смеса додајте 600 мл млеко и внимателно со миксерот изматете со побавна брзина за да се раствори. Потоа ставете го тенџерето на оган и со постојано мешање сварете го кремот додека да згусне. Покријте го со проѕирна фолија и оставете да излади до собна температура.
Четири јајца пенасто изматете ги со миксер, а додека ги матите додајте еден ванилин шеќер и 200 г шеќер. Миксајте додека да побели и згусне смесата а потоа додајте 100 мл масло во тенок млаз. Изматете и додајте просеано 190 г брашно, 2 лажици какао и 2 лажички прашок за печиво.
Со помала брзина изматете со миксерот додека да се соедини. Смесата рамномерно излејте ја во плех обложен со хартија, израмнете, протресете и ставете да се пече 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Печената кора оставете да излади, а потоа пресечете ја хоризонтално за да добиете две големи, а тенки кори.
Во посебен сад изматете 200 мл слатка павлака додека да добиете цврст шлаг. Пенасто изматете 150 г путер на собна температура, па во него додајте го изладениот пудинг и продолжете да миксате додека да се добие мазен крем. Додајте го и изматениот шлаг, па уште еднаш изматете за да се соедини.
Редење во калап со обрач: кора натопена со малку млеко, половина од кремот, кора натопена со малку млеко, втората половина од кремот. Оставете во фрижидер да излади еден час. Одозгора прелијте со чоколадна глазура: растопете 200 г чоколадо со 60 г путер и 50 мл млеко.
Мешајте постојано додека убаво да се изедначи чоколадната глазура. Излејте ја рамномерно врз колачот, израмнете и вратете во фрижидер за да се стегне. Оставете најдобро преку цела ноќ. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.