Овошни јогурт коцки, без печење, ова е исклучително едноставен, брз и многу вкусен десерт. Можете да го приготвувате многу често, бидејќи за негово приготвување не ви се потребни многу состојки и многу време. Пробајте го, ќе бидете воодушевени – Марко.
Потребни состојки: 2 овошни јогурти (околу 300 г), 1 цврст јогурт (грчки јогурт), 120 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 500 мл слатка павлака за шлаг, петит бисквити, 2 кесички желатин (промешани со 8 лажици вода) и малку млеко за натопување на бисквитите
Постапка: најпрво пригответе го желатинот, односно натопете го со осум лажици ладна вода и оставете го неколку минути за да набубри. Во подлабок сад изматете ги јогуртите, па додајте го шеќерот.
На страна изматете ја слатката павлака и додајте го ванилиниот шеќер. Матете додека да добиете шлаг. Потоа полека додајте го шлагот во измиксаните јогурти и рачно промешајте со лажица или шпатула за да се задржи воздушестата конзистенција на кремот.
На крај, во промешаната смеса додајте го желатинот претходно растопен на пареа (се растопува на многу тивок оган, не смее да зоврие). Во соодветен калап наредете еден слој кекси кои претходно кратко сте ги натопувале во топло млеко.
Врз нив излејте ја приготвената смеса и убаво израмнете. На крај повторно наредете кекси, кратко натопувани во млеко. Колачот оставете го во фрижидер на неколку часа или преку цела ноќ, добро да се стегне и да се олади.
Коцките многу лесно и убаво се сечат. Деталите од постапката за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за јогуртен колач кој се приготвува на малку поинаков начин. Наместо печен пандишпан и во овој рецепт како подлога можете да вметнете кекси:
СМУТИ КОЛАЧ СО ЈОГУРТ: Најмекииот и највкусниот, ќе ве воодушеви
Оваа торта е толку мека и сочна, комбинацијата од бисквит со какао, нежен крем од јогурт со овошје, навистина ќе ве воодушеви. Може да го приготвите и како торта-сладолед, вашите најмили и гостите ќе бидат презадоволни. Кај мене колачот се изеде буквално за 5 минути.
Бидете сигурни дека сите ќе ви побараат уште по едно парче. Колачот освежува, не е многу благ. Подгответе плех или калап со големина 35 × 20 см, намастете го со масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Вклучете ја рерната на 180 степени да се загрее.
Потребни состојки за бисквит: 5 лажици брашно, 5 лажици шеќер, 5 јајца, 1 лажица какао во прав, 1 кесичка прашок за пециво (10 г), 3 лажици млеко и 3 лажици масло
За фил: 500 мл јогурт, 2 кесички желатин, 8 лажици вода, 5 лажици шеќер, 200 г шлаг (се мати според упатството на кесичката), млеко колку што е потребно за да се измати шлагот (околу 300 – 350 мл) и 500 г овошје (свежо, замрзнато, јагоди, цреши, малини, капини, праски или мешавина од овошје)
Постапка: Одвојте ги белките од жолчките во посебен сад, а потоа пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот. Кога ќе добиете цврст снег, постепено додавајте ги жолчките и продолжете со матење.
Потоа додајте млеко, јогурт, брашно, какао и прашок за печиво. Промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначи смесата, а потоа излејте ја во приготвениот плех. Ставете да се пече во претходно загреаната рерна, околу 20 минути.
Желатинот промешајте го со 8 лажици ладна вода (или според упатството од кесичката), и оставете го да набубри 10 минути. Јогуртот ставете го во едно тенџере и додајте го шеќерот.
Ставете на тивок оган да се загрее, но не смее да зоврие, туку да стане доволно млак, за да може во него да се растопи желатинот. Додајте го набубрениот желатин и тргнете го садот на страна.
Со миксер кратко изматете го млакиот јогурт, па оставете го 5 минути, а потоа постепено започнете да го додавате во претходно изматениот шлаг додека непрекинато матите со миксерот.
Овошјето изблендирајте го, па додајте го во кремот и промешајте со лажица додека да се соедини и изедначи. Прелијте го врз печената и изладена кора, израмнете, па оставете го колачот во фрижидер да се лади до следниот ден.
За уште поубаво да ви се сечат коцките, колачот оставете го еден или два часа во замрзнувач. Тогаш ќе добиете совршени коцки. Одозгора можете да да наросите рендано чоколадо, многу убаво си одговара. Уживајте во вкусот.