Ова е најдобриот рецепт за принцес крофни, а доколку сакате да ги направите лебедите, а веќе имате некој свој рецепт за принцес крофни, само прескокнете го првиот дел и веднаш одете на постапката за приготвување на лебедите.
Потребни состојки: (Се мери со чаша од јогурт 180 грамска) 1 чаша вода, ½ чаша масло, 1 прстофат сол, 2 рамни лажички прашок за печиво, 1 чаша брашно и 3 јајца. За крем: 600 мл млеко, 2 пудинг од ванила, 2 рамни лажици густин, 1 ванилин шеќер, 100 г шеќер, 140 г путер + 60 г шеќер во прав и шеќер во прав за наросување
Постапка: сварете ја водата, ставете трошка сол, масло и додајте го брашното, па варете со постојано мешање додека тестото да започне да се одвојува од ѕидовите на садот во облик на топка.
Потоа тестото оставете го да излади. Мора да биде минимално млако, за да се додадат во него две лажички прашок за печиво, па полека со миксер се мати и се додава едно јајце. Потребно е убаво да се измати пред да се додаде следното јајце, па на крај и третото додека да се добие фина сјајна смеса.
Наполнете го слаткарскиот шприц, па истискувајте ги крофните врз плех обложен со хартија. Ако правите крофни, истискувајте топчиња со величина на орев. Од оваа смеса се добиваат 22 крофнички со средна величина.
Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. После тоа рерната изгасете ја и уставете ги уште неколку минути.
На изладените крофнички исечете им го горниот врв, а долниот нека остане подебел.
За крем: измешајте ги пудинзите со ванилин шеќерот, густинот и малку млеко, да се добие мазна смеса без грутчиња, а остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие. Сварете ги пудинзите со постојано мешање додека да згусне, па тргнете го кремот на страна да излади (повремено промешувајте з ада не фати кора).
Путерот изматете го со 60 г шеќер во прав, па од изладениот крем додавајте малку по малку и добро измиксајте да се соединат.
Секоја крофничка полнете ја со кремот, поклопете ја со отсечениот дел и наросете шеќер во прав. Изладете и уживајте…
Погледнете ја галеријата:
ПРИНЦЕС ЛЕБЕДИ Потребни состојки: вашиот омилен рецепт за принцес крофни; стабилизиран шлаг (или крем по ваш вкус); шеќер во прав
Постапка: за да се направат лебедите потребни ви се две тепсии обложени со хартија за печење. Најдобро е прво на хартијата да ги нацртате деловите од телото – вратот кој е во облик на буквата “S”. Висината на вратот е 8 см.
Во слаткарската кесичка ствете продолжеток со отвор од 3 мм, па ставете 3-4 лажици од тестото и следете ја нацртаната линија истискувајќи рамномерно од тестото во облик на буквата S. На горниот крај истискајте помало топченце за да се формира клунот. Направете повеќе вратови во случај некои да ви се скршат. Внимателно со четка премачкајте ги со изматено јајце и печете ги во загреана рерна на 190 степени околу 15 минути.
Во втортата тепсија се прави телото. Исто така на хартијата исцртајте го телото кое е во форма на солза, со должина од 7,5 см.
Во слаткарската кеса ставете продолжеток со отвор од 1 см. Ставете половина кеса со тесто. Тестото истискувајте го започнувајќи од горниот, поширокиот дел, со ширина во горниот дел од 2,5 см, па полека одејќи кон долу правејќи облик на солза додека да се постигне должина од 7-7,5 см.
Тестото се премачкува со јајце и се пече околу 30-35 минути на 190 степени додека да добие златно жолта боја. Рерната не смее да се отвори до пред самиот крај на печењето, како и кај сите други крофни за да не спласне тестото. Вратовите и телото треба целосно да бидат изладени.
Изладеното тело пресечете го со остар нож така што основата е 2/3 а горниот дел е помал, само 1/3. Горниот дел многу внимателно со остар нож пресечете го на половина за да ги добиете крилата.
Сега правете ги лебедите: за полнење на лебедите најдобро е да се користи стабилизиран шлаг (тоа е шлаг во кој сте додале желатин).
Ако сакате лебедите веднаш да ги сервирате, може да се полнат и со кремот за принцес крофни, а пред самото сервирање да се додадат вратовите (тие ја впиваат влагата од филот и може после подолго време да паднат). Со стабилизиран шлаг вратовите стојат цел ден без да паднат. Со помош на ѕвездест продолжеток, наполнете го телото, внимателно ставете го вратот и додадете ги крилата.
Пред сервирање наросете шеќер во прав. Ќе видите дека гостите ќе бидат воодушевени од нивната убавина и елеганција.