МPЗЛИВА СЛАТКА ПИТА со ореви…Со вкус на баклава…

Баница од мојот крај. Тоа се нарекува сиропирана или мрзлива слатка пита. Може да се испече два дена пред послужувањето, а еден ден пред послужување да се полие со сируп. Еве што ви е потребно според рецептот на Веселка Буковска:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

4 јајца
2/3 коцка свеж квасец (2 суви квасци)
1 лажичка шеќер
1 рамна лажичка сол
300 мл млака вода (или лимонада)
1 кг брашно
За фил: ситно сечкани и мелени ореви

За сируп (се вари 10-тина минути):
1200 мл вода
600 г шеќер
3 ванилин шеќер

ПОСТАПКА:

Растворете го квасецот во млака вода со лажичка шеќер и оставете да се активира. Изматете ги пенасто јајцата, додајте го квасецот, па со постепено додавање на брашното помешано со солта замесете средно меко тесто.

Оставете го на топло место да ферментира 30-40 минути. Потоа поделете го на 4 топчиња.

Оставете ги да одморат 10-тина минути. Секое топче развлечете го во тенка кора и премачкјате го со растопен путер или масло.

Преклопете ги една врз друга и развлечете една голема кора. На двата краја ставете фил од ореви и свиткајте два ролата. Кога ќе се сретнат на средината пресечете ја кората за да се одделат.

Можете од сите 4 кори да свиткате еден голем ролат, како ви е полесно. Секој ролат внимателно фатете го за двата краја и започнете полека да го виткате како да цедите крпа.

Потоа едниот свиткајте го како полжав и ставете го во намастена тепсија, а другиот надоврзете го на првиот.

Премачкјате ја питата со путер или масло и оставете ја да ферментира и да го зголеми волуменот. Печете во загреана рерна на 180 степени додека да зарумени, а потоа оставете ја најмалку неколку часа или еден ден да се олади.

Потоа залијте ја со топол сируп на неколку наврати, а кога ќе го впие посипете шеќер во прав. Сличен рецепт со видеопрезентацијата можете да погледнете ОВДЕ: