Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Пица од ракав. Поздрав драги пријатели домаќини и домаќинки. Честопати се случува да немаме идеја што би приготвиле за вечера, па посакуваме пица но не сме расположени за месење.
Па, еве решение, тука е рецептот за “мрзлива пица”. Не требе да се меси, само го матите тестото, го редите филот по желба, ставате на печење, а потоа уживате.
Љубителите на вистинската пица ќе речат дека ова не е оригинална и далеку од вистинска пица, но затоа пак е превкусна и навистина многу брза.
Потребни состојки: 10 г квасец, 2 лажици брашно, 1 лажица шеќер, 1 лажица кисело млеко, 2 лажици маслиново масло + 1 лажица за тепсијата, 1 јајце, 80 мл вода, 200-250 г брашно, Филувањето е по ваш избор: шунка, сувомеснато, кашкавал, печурки, јајце, оригано, босилек
Постапка: Во еден сад ставете една рамна лажица шеќер, една кесичка сув квасец, малку млака вода, малку брашно (1 полна лажица), едно јајце, 2 лажици маслиново масло.
Смесата добро изматете ја со жица за да нема грутчиња. Оставете на страна малку да отстои додека се загрева рерната.
За тоа време тепсијата (22-23 см) намастете ја со една лажица маслиново масло и ставете ја во рерна да се загрее на 220-250 степени околу 10 минути.
Во смесата со квасецот додадете едно мало лажиче сол, една супена лажица кисело млеко (на собна температура) или јогурт, додадете уште малку вода и околу една чаша брашно (или вкупно 200-250 г).
Тестото откако убаво ќе се промеша треба да биде како за амерички палачинки, ни течно ни густо.
За фил: Во 2-3 лажици доматно пире додадете една лажица супа од печурки во прав и малку оригано.
Во загреаната тепсија само излејте го тестото и брзо распоредете го по целата површина, бидејќи брзо фаќа коричка на дното.
Врз тестото распоредете го доматниот сос, шунка, рендан кашкавал, јајце и одозгора наросете оригано.
Пицата вратете ја во рерна уште 10-тина минути добро да се запече. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.