Доколку и вие припаѓате на оние кои постојано бараат нови начини како да го украсат својот дом со цвеќиња, ви претставуваме еден прекрасен пролетно-летен цвет кој сигурно ќе го привлече вашето внимание.
Името на овој цвет е амарилис. Оваа луковичеста билка ни доаѓа од тропските предели на Америка и се сади од почетокот на ноември па до февруари, а цвета во мај и јуни. Припаѓа на семејството кокичиња.
Овој цвет има долги листови и исправено цврсто стебленце кои носи впечатливи, раскошни и крупни цветови во облик на труба.
Цветовите на оваа атрактивна билка може да се најдат во пурпурна, портокалова, црвена, бела боја, како и во двобојни варијанти, а толкавата разноликост оваа билка ја прави многу привлечна.
Со вкрстување на сортите на нашиот пазар може да се пронајдат различни варијанти според величина и облик, па така познати се мини и високи форми, двојни или едноставни цветови, но сепак, многу впечатливи.
Амарилисот е најдобро да се сади во специјални садови или саксии, а идеално место за чување на оваа билка е балконот. На украсната билка и одговара место под сенка или полусенка, барем во времето на цветање.
Без проблем ќе успее и на посилно сонце. Во фаза на мирување, амарилисот се препорачува да се внесе во ладна и потемна просторија за да може да вегетира, сè додека да се појават првите цветови.
Што се однесува до полевањето, амарилисот има големи потреби за вода, па затоа потребно е да се полева почесто. Во летните денови и на повисоки температури амарилисот се полева и до неколку пати дневно, по малку.
Некои од интересните факти за овој цвет е дека луковицата може да трае и до 75 години, а поедини видови имаат пречник на цветовите и до шест центиметри. Се размножува со семе и вегетативно со разделување на луковиците.
Потребни се 3-4 години за да може да расцвета новата луковица. Погледнете како изгледа овој прекрасен цвет, можеби ќе се одлучите тој да стане вашиот нов миленик во домот.