Своевремено овој рецепт го имаше објавено Стево Карапанџа, со тоа што киселата зелка не ја динсташе, туку редеше –ред зелка, па прженото месо со кромид, па повторно зелка… и на крај сето го преливаш со смеса од млеко и јајца. Се пече под фолија околу 45 минути, а пред крајот се трга фолијата за да се запече.
Кој и да се сомнева во оваа комбинација, само барем малку нека проба и сè ќе му биде јасно. Ова јадење е препревкусно!
Фотографија и рецепт на Милена Радуновиќ – Мусака од кисела зелка.
Потребни состојки:
½ главица кисела зелка
300-400 г мешано мелено месо
1 главица кромид
мелен црн пипер, црвен пипер, лук, мешан сув зачин, сол, босилек, магдонос
1 јајце
1 чаша млеко
Постапка:
Киселата зелка исечкајте ја ситно. На малку загреано масло ставете 1-2 лажички мелена зачинска пиперка, промешајте, додадете ја зелката и едно исечкано чешне лук. Динстајте со повремено додавање вода, околу еден час за да омекне убаво зелката.
Во посебен сад пригответе го месото како за мусака: издинстајте го сечканиот кромид, додадете го меленото месо и динстајте со додавање на вода. Кога месото е готово, а водата испарила, додадете 2 лажички мелен црвен пипер, сув зачин, црн пипер, по лажичка босилек и магдонос и измешајте. Внимавајте со солењето доколку самата зелка е солена (можете да ја исперете во ладна вода ако е многу солена).
Кога и месото и зелката се готови, помешајте ги заедно, па смесата префрлете ја во плех или тава за печење. Потоа направете прелив како за мусака: со виљушка изматете едно јајце и чаша млеко, прелијте и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 45-60 минути.
Фотографија и рецепт на Милена Радуновиќ