Најубави се есенските колачи, бидејќи освен што се вкусни, тие се и здрави затоа што се приготвуваат со разно есенско овошје и јатки. Но, она што најмногу привлекува кај есенските колачи е нивниот неодолив мирис.
Колачот кој речиси задолжително се подготвува во секој дом, е оној со јаболка. Овој рецепт знам дека ќе ве воодушеви, не само со вкусот, туку и со едноставноста на неговата подготовка. Запишете си го рецептот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца на собна температура, 75 г шеќер, 8 г ванилин шеќер, 150 г брашно, 10 г прашок за печиво (1 кесичка), 100 г растопен путер, 3 јаболка, 3 супени лажици шеќер, цимет во прав по вкус. Оваа количина е доволна за калап со обрач од 20 см. Се пече 35 минути на 180 степени + 3 минути на опцијата за „скара“ или горно печење.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за матење скршете три големи јајца кои претходно е потребно да отстојат на собна температура. Пенасто изматете ги со миксер.
После неколку минути матење започнете да го додавате шеќерот (75 г) и ванилиниот шеќер (8 г) додека непрекинато матите. После неколку минути треба да добиете густа, светла кремаста смеса.
Во изматените јајца додајте просеано брашно (150 г) помешано со прашок за печиво (10 г) и продолжете со матење на миксерот уште 1-2 минути.
Треба да добиете мазна и компактна смеса без грутчиња. Додајте 100 г растопен и подизладен путер (100 г). Путерот растопете го во микробранова печка или на многу тивок оган (или на пареа), па оставете да се подизлади пред да го додадете во тестото.
Изматете уште една минутиа со миксерот колку да се инкорпорира путерот и да се изедначи во тестото. Добиената смеса за кратко тргнете ја на страна додека да ги подготвите јаболката.
Измијте ги со ладна вода, излупете ги, излупете ги, а потоа исечкајте ги на коцки со величина на мал залак. Калапот за торти со флексибилен обрач обложете го со хартија за печење.
Сечканите јаболка истурете ги во подготвениот калап, распоредете ги рамномерно, па одозгора наросете ги со три полни до врв супени лажици шеќер. Промешајте и одозгора наросете малку цимет. вака приготвените јаболка прелијте ги рамномерно со претходно приготвеното тесто.
Малку протресете го калапот и потчукнете го за да се распореди смесата во празнините. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 35 минути. Печениот колач извадете го од рерната, па внимателно одлепете го од обрачот. Превртете го врз даска или чинија, отстранете ја хартијата и вратете го калапот за печење, без обрач.
Допечете го колачот уште 3 минути на горниот греач за убаво да потпече и од таа страна. Потоа можете да го сечете и послужите. Последниот чекот можете да го прескокнете и едноставно да го наросите со шеќер во прав. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.