Овој млечен леб се подготвува малку подолго, но крајниот резултат е неверојатен. Добриот леб бара време и трпеливост, а кога ќе го испечете е мирисен и мек како памук. При печењето расте двојно повеќе, како перница и има голема еластичност. Еве кои состојки ви се потребни за да го подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 40 г брашно за леб, 200 мл вода. ЗА ТЕСТОТО: 580 г (4 чаши) брашно, 60 г шеќер (1/4 чаша), 12 г сол (2 мали лажички), 10 г сув квасец (1 кесичка), 10 г млеко во прав , 260 мл млеко, 1 jajце, 50 г несолен путер на собна температура и за премачкување ќе ви биде потребно 1 жолчка од јајце измешана со 1 лажица млеко.




ПОСТАПКА: 40 г брашно се става во нелепливо тавче кое треба да биде ставено на рингла која е вклучена на ниска температура. Кога ринглата ќе почне да се затоплува постепено се додава 200 мл вода на собна температура. Смесата се меша и се готви додека да се добие леплива и густа конзистентност.




Овој процес треба да ви биде познат, особено ако сте правеле бешамел сос, па кога ќе се помешаат путерот и брашното, на почетокот се добива слична смеса. Вака подготвената смеса, кога ќе се згусне, се трга од рингла и се складира во фрижидер, да остои минимум 6 часа.




Пред да ја користите смесата за подготовката на лебот, извадете ја да отстои 1 час на собна температура. ЗА ТЕСТОТО: Во еден подлабок сад ставете го останатото брашно и потоа додајте го шеќерот, солта, сувиот квасец и млекото во прав. Соединете ги сувите состојки.




Постепено започнете да го додавате млекото, јајцето и додајте ја смесата од брашно и јајце која првично ја направивте. Започнете да го месите тестото во електричен миксер на најмала брзина или на рака со постепено додавање на брашното.

Кога тестото ќе почне да се соединува, се додава 50 г полурастопен путер и се меси додека да се соедини во меко, фино и мазно тесто кое нема да се лепи. За тестото не е потребно многу месење, за да остане меко.




Тестото се става во еден подлабок сад и се остава да нарасне околу 40 минути до 1 час, покриено под крпа. Кога тестото ќе се удвои во волумен, се префрла на работна површина и се поделува на 6 еднакви делови со приближно иста големина. Секое делче од тестото се става под фолија, додека подготвувате едно по едно, за да не се сушат.




Земете едно делче од тестото и размесете го во топче на работна површина. Топчињата се оставаат да одморат уште 15 минути на собна температура, под фолија. Потоа едно по едно топче од тестото се развлекува со окглагија во елипсовиден облик.




Диплење на секое лепче-тесто: како што е тестото развлечено елипсовидно, се преклопува од горната страна до средината, па истото се прави и од втората страна која се преклопува врз првата. На местото каде што се преклопуваат двата краеви, се прицврстува малку спојот со прстите.




Потоа тестото се врти на обратната страна, се превиткува до половина прво од горната страна, па се витка како ролат додека да се стигне до другиот крај (погледни видео). Се редат по три „ролатчиња“ во длабок, долг правоаголен калап кој обично го користите за печење леб или ролати.




Доколку немате ваков калап, можете погачиците да ги печете во поголем плех, споени едно со друго или во тепсија, па ќе добиете кружна погача. На истиот начин се подготвуваат и останатите теста. Кога ќе ги сместите погачиците во плехот, покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат уште 30-тина минути.

По отстојувањето, тестата се премачкуваат со мешавина од 1 жолчка и малку млеко и се ставаат на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25-30 минути, додека да заруменат одозгора.

По печењето, погачиците се оставаат малку да се оладат под крпа и потоа се послужуваат со салата или како предјадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.