Драги мои, овој сладолед е нешто фанcтастично. Првпат го направив минатата година, и навистина се воодушевив од резултатот. Рецептот го добив од најдобрата слаткарница кај нас во населба, а дека сум блиска со продавачката, таа ми го напиша рецептот.




Јас одлучив да го правам со вкус на карамел, но може да се прави со јагода, шумско овошје, ванила, чоколадо.. Кој како му е најубав, на нас со карамел ни е најелегантен, има многу богат вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 жолчки, 120 г шеќер, 500 мл неутрална павлака за миксање. ЗА КАРАМЕЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 3 големи лажици вода, 180 г шеќер, 200 мл неутрална павлака, 20 г путер, прстофат сол.

Конкретно за сладоледот јас искористив само половина од состојките за карамелот, така што можете да ги намалите состојките да не ви излезе многу. Исто ќе ви биде потребно околу 100 г плазма за наросување одозгора или мелени бисквити.




ПОСТАПКА: Најпрво одвојте ги белките од жолчките. За овој рецепт ќе ви бидат потребни само жолчки. Во жолчките додајте 120 г шеќер и пенасто изматете ги додека состојките целосно да се соединат. Потоа садот во кој ги измативте жолчките, ставете го на пареа, одоздола со тенџере со вода.




Ринглата треба да биде вклучена на ниска температура, водата да пушта мали „клучеви“ кога ќе зоврие бидејќи жолчките се премногу осетливи на високи температури. Водата не треба да го допира садот, па започнете повремено да промешувате. Јас ги готвев околу 20 минути на многу ниска температура (пр. од 9 на 6 нека ви биде вклучена ринглата).




Јајцата се пастеризираат после 60 степени, така што после ова време на готвење, со сигурност ќе ја поминат оваа температура и се спремни и безбедни за конcyмирање. Подготовката на карамелот е многу едноставна: шеќерот ставете го во тавче да се растопи и додајте 3 големи лажици вода за подеднакво да се стопи.




Настрана подгответе си шлаг кој треба само да го изматите (или неутрална павлака) и малку путер. Сега ќе ви кажам една тајна, за кога го додавате шлагот во карамелот, да не ви се стегне – треба само да го загреете на рингла пред да го соедините со него (топло со топло).




Шеќерот се пржи додека да се стопи целосно, а потоа во него додајте ја топлата павлака за шлаг. Ова гответе го сосем малку додека да видите дека смесата е целосно зготвена и соединета. Потоа додајте 20 г путер и измешајте да се растопи, а сосем на крајот додајте и прстофат сол за подобрување на вкусот на карамелот. Оставете да се олади.




Половина литар неутрална павлака изматете ја во шлаг но не премногу долго, само додека смесата да стане пенаста. Потоа во овој шлаг додајте ја смесата од жолчки која треба да биде целосно оладена и уште малку изматете.




Јас целата смеса ја ставив во голем кујнски шприц и правев еден ред форми од сладоледот, па одозгора наросував со плазма и карамел и така сè додека да го пополните садот и да го потрошите целиот материјал.

Садот оди во замрзнувач додека сладоледот да се стегне, а потоа целиот труд ќе се исплати кога ќе го пробате овој вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.