Многу вкусни чајни колачи кои стојат со денови и не се сушат. Ги послужувам со кафе, чај, за децата со сок, а понекогаш ги пакувам во украсни кутии и ги давам како поклон. Излегуваат навистина многу и се лесни за јадење.




Смесата веднаш се замесува, потоа се наросуваат со кандирано овошје и јаткасти плодови и се ставаат на печење во ролати. Одозгора се премачкуваат со инстант кафе кое им дава уште поневеројатен вкус на овие колачи.




Потребни состојки: 2 јајца, 120 г шеќер, 50 г растопен путер, 50 мл сончогледово масло, 50 мл млеко, 1/2 лажичка цимет и уште 1/2 мелен ѓумбир, прстофат сол, 450 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво (8 г), 150 г кандирано овошје, 100 г бадеми, 40 г фстаци, белка од јајце за премачкување, 1 лажица инстант кафе (нескафе) и сусам за наросување.




Постапка: Во еден подлабок сад скршете ги двете јајца и разматете ги со жица за матење. Додајте го постепено шеќерот и со постојано мешање, матете додека да почне да се растопува во јајцето. Додајте го растопениот путер и измешајте.




По соединување се додава секоја наредна состојка: сончогледово масло, циметот и ѓумбирот, па млекото и прстофат сол. Соединете ги добро сите состојки во еднолична, течна смеса па додајте го брашното.




Потоа преку сито додајте го прашокот за печиво и уште малку измешајте ја смесата. Кога ќе почне да се формира фино тесто преминете на месење со раце додека да се формира тврдо и мазно тесто, нелепливо под прсти.




Тестото не треба да отстојува ниту да се чека да стаса, туку веднаш се дели на 2 топчиња и под хартија за печење се разлекуваат што е можно повеќе со оклагија. Се трга хартијата за печење која се става за да не ви залепи тестото на оклагијата.




На страна спремете го кандираното овошје заедно со бадемите и фстаците и половина од количината распоредете ја на првата кора тесто, а половина на втората. Потоа одозгора врз секое тесто повторно ставете хартија за печење и со оклагија притиснете ги јаткастите плодови и кандираното овошје за да навлезат во тестото.




Со помош на хартијата за печење завиткајте цврсто 2 ролати, но внимавајте да не ви се откине некое од тестата. Ставете ги ролатите во плех обложен со хартија за печење и премачкајте ги со претходно направена мешавина од белка од јајце и инстант кафе. Премачкајте ги ролатите одозгора и по страните и наросете ги со сусам.



Ставете ги на печење во претходно загреана рерна на 140 степени, 30 минути. Потоа извадете ги од рерна и додека се топли пресечете ги на помали колачиња и повторно наредете ги со средишниот дел да лежат на подлогата. Вратете ги на печење да потемнат од страните на 170 степени уште 15 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.