Многу брза и лесна подготовка. Она што е најважно во целиот рецепт е да пронајдете убави и квалитетни кори, зошто некогаш ми се случувало да купам премногу суви и кршливи, или пак, откако ќе ги отворам во средината да пронајдам мувла.
Штом ќе ви се погодат убави корите, питата ќе излезе совршено вкусна, како тукушто да сте сами да сте ги развлекувале корите. Што се однесува до филот, кај мене дома најмногу ми ја сакаат со сирење, но може да се приготви со каков било друг фил.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 300 г сирење, 2 јајца, масло и сол. За прелив: 1 сув квасец, 1 прстофат шеќер, 1 лажичка сол, 3 јајца, 4 шолји (мали за кафе) млеко, 2 шолји масло и 3 шолји брашно. Постапката е многу лесна.
ПОСТАПКА: во сувиот квасец додајте малку топла вода, а потоа ставете шеќер. Оставете на страна 10-тина минути додека да запени. Откако ќе се активира, додајте ги јајцата кои претходно сте ги извадиле од фрижидер и се стоплиле на собна температура.
Во смесата додајте го млекото (исто така на собна температура или малку замлачено) и маслото, а на крај додајте просеано брашно во кое сте додале малку сол. Сето добро измешајте го да нема грутчиња. Ќе добиете густа смеса.
Фил од сирење: сирењето издробете го ситно и додајте го во изматените јајца, па посолете по вкус и измешајте. Постапка за корите: ставете ја првата кора, премачкајте ја со преливот, потоа ставете втора кора, премачкајте, па трета кора, исто така премачкајте. Врз третата кора ставете фил од сирење.
Ивиците добро затворете ги за да не истекува сирењето и свиткајте како ролат. Избројте ги корите и добро поделете го сирењето за да ви стигне за сите ролати. Оставете ги ролатите да одморат околу 30-40 минути за убаво да го впијат преливот.
Тепсијата треба да биде намастена пред да ги ставите ролатите. Откако ќе отстои, питата ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна, околу 40 минути на 200-220 степени или додека да зарумени.
Зависи како ви пече рерната: ако за кратко време фати боја одозгора, спуштете ја решетката подолу и ставете хартија за печење одозгора, па допечете ја питата.