Ова е е ден стар и добар рецепт кој дома сите го обожаваме и често го правиме, без разлика на сезоната.

Евтин е и едноставен за подготвување, рецептот не е многу коплициран и релативно брзо е готов. Го правам и за секакви свечени пригоди, бидејќи е доста декоративен и освежителен.

Потребни состојки:

5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици мелени ореви

За фил:

700 мл млеко
5 лажици шеќер
7 лажици брашно (до врв полни)
250 г маргарин / путер
10 г ванилин шеќер

и уште:

4 банани
½ лимон

Постапка:

За да се заштеди на време, најдобро е прво да се свари филот, за да може да се олади додека се пече бисквитот. Рерната вклучете ја на 200 степени да се загрева.
За крем: Одвојте 100 мл млеко, па во него со миксер изматете брашно, а остатокот од млекото заедно со шеќерот и ванилата ставете ги на оган да се загрее.

Кога ќе зоврие полека додадете го изматеното брашно со млекото, намалете ја температурата, па продолжете и натаму да мешате (или да матите со миксер) додека да се згусне кремот. Оставете го на страна да се лади и започнете со приготвувањето на бисквитот.

Пенасто изматете ги белките, додадете шеќер и добро изматете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Додадете ги една по една жолчките и понатаму матејќи со миксерот. Во пенастата смеса додадете ги оревите и со лажица внимателно промешајте (јас немав мелени ореви па ставив 1 лажица брашно, 1 лажица какао и 5 лажици бадеми).

Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап или врз хартија за печење (ова е полесно) и печете 15-20 минути. Извадете го бисквитот од плехот, пренесете го врз влажна крпа и свиткајте го во ролат (долната страна од бисквитот треба да е внатре). Оставете да се лади.

Со миксер добро изматете го путерот, па лажица по лажица додавајте му го изладениот фил, непрекинато матејќи. Бананите излупете ги, отсечете им ги краевите, прелијте ги со сок од лимон.

Оладениот бисквит одвиткајте го, со филот премачкајте го преку целата површина (се остава малку фил за премачкување однадвор), во два реда се поставуваат бананите, се витка бисквитот од едната и од другата страна кон средината, па се врти наопаку.

Ролатот премачкајте го однадвор и наросете го со мелени ореви. Се послужува добро изладен. Мене ми е многу важно кората да биде многу тенка, па затоа ја печам во плех од рерна 30х38 см, а вие ако сакате подебела кора, печете во помал плех од овој.

Coolinarika.com