Испробајте го рецептот на Љубица Булатовиќ и направете ги овие превкусни брзи ролнички кои можете да ги филувате со што сакате. Многу се меки и вкусни, а за овие печива познатата готвачка Бојана искоментира: „Ова е екстра техника за виткање, првпат се среќавам, а многу е практично и брзо“. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл топло млеко, 1 кесичка сув квасец (7-10 г), 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 2 јајца, 60 мл масло за готвење, 450-500 г брашно по потреба, топено сирење во листови/кашкавал и шунка (или по ваш избор), сусам




ПОСТАПКА: загрејте го млекото (350 мл) да биде млако, па сипете го во подлабок сад, додајте сув квасец (7 г), една мала лажичка шеќер и две лажици (одокативно) брашно. Промешајте со кујнска жица-маталка додека сите состојки да се растопат и соединат.




Оставете на топло место 10-тина минути додека квасецот да се активира и да запени малку. Потоа додајте 60 мл масло за готвење, 1 мала лажичка сол и 1 јајце на собна температура. Добро изматете со маталката додека состојките да се растопат и изедначат.




Во течната мешавина започнете постепено да го додавате брашното, најдобро просеано (преку сито). За сето време мешајте со маталката за да не се формираат грутчиња и да има време брашното да ја апсорбира течноста.




Кога ќе се формира компактна смеса, најдобро е тестото да го замесите со рака. Продолжете со додавање на брашното малку по малку сè додека престане да се лепи за рака и да се одвојува од ѕидовите на садот. Потоа истресете го на работна површина и доработете го уште малку.




Обликувајте топка, вратете го во садот и покријте го со крпа или со кеса, па оставете го да ферментира еден час на топло место без провев, додека да го удвои волуменот. За тоа време спремете го филот, а во случај спарувајте лист шунка со лист кашкавал.




Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина, сипете малку брашно одозгора, малку со дланките сплескајте го, па со помош на оклагија развлечете голема правоаголна кора. Дополнително отсечете ги краевите за да добиете совршен правоаголник.




На едниот крај наредете четири шунка+кашкавал, па исечете четири долги ленти. Потоа на одредено растојание продолжете со редењето на филот, а потоа исечете ги во горната линија (погледни фото или видео) и свиткајте ги ролничките. Секоја ролничка исечете ја на половина со кујнски ножици.

Наредете ги во плех обложен со хартија за печење, покријте ги со кујнска крпа и оставете ги половина час да ферментираат на топло место и да го зголемат малку волуменот. Потоа премачкјате ги со едно изматено јајце (или жолчка + лажица млеко) и наросете ги со сусам.

Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 25 минути или додека да заруменат. Печените ролнички покријте ги со крпа или оставете ги на решетка да се подизладат, па послужете ги. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.