Ова е еден од најлесните колачи кои ќе ги направите. Често може да го најдете под името „сув колач,“ но напротив не е сув на вкус, така се нарекува бидејќи се подготвува само од суви состојки. Сочноста ја добива од вишните кои се цедат од нивниот киселкаст сок и го прават еден од посочните колачи.




Она што е добро кај овој колач е тоа што може да го подготвите во било кое време, а потоа да го испечете кога сакате. Важно е да отстои минимум 2 часа пред да се стави на печење, а највкусен е доколку отстои подолго време, на пример преку цела вечер или еден цел ден. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г брашно, 300 г кокос, 300 г кристален шеќер, 150 г мелени ореви/лешници/бадеми, 1 кесичка прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер, 200 г посен маргарин, 800 г – 1 кг вишни од компот или од замрзнувач и околу 200 мл сок од вишни (истечен од овошјето).




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измерете 300 г пченично брашно. Додајте 300 г кокос и исто толку кристален шеќер. Измелете ги јатките во блендер (ореви/лешници/бадеми), па додајте ги во останатите суви состојки. Измешајте сѐ со шпатула.




Потоа додајте 1 кесичка прашок за печиво и 2 кесички ванилин шеќер. По желба, може да изрендате и малку кора од лимон за арома. Соединете ги состојките, па во еден помал сад издвојте околу 10 големи лажици од смесата од суви состојки. Преостанатата смеса поделете ја на пола, не мора целосно да ја одвојувате, доволно е со лажицата да направите пресек во садот.




Подгответе си еден плех со димензии 35х25 см или слична големина и премачкајте го со 100 г маргарин, на дното и малку од страните. Половина од смесата од суви состојки истресете ја во намрсениот плех и рамномерно распоредете ја по целата површина. Количината на вишни поделете ја на половина (јас ставив 800 г вишни, ги поделив на 400 г, а може да ставите и 1 кг (500+500 г).




Наредете ги половина од вишните преку мешавината од суви состојки, израмнете ги малку, а потоа на истиот начин наредете ја втората половина од мешавината. Со задниот дел на една лажица натапкајте ги сувите состојки за сѐ добро да се измазни и да си „легне.“




Наредете ја и втората половина од вишните, сосе сокот кој го пуштиле, па „покријте“ го колачот со издвоените 10 лажици од мешавината од суви состојки и повторно добро натапкајте. Растопете го маргаринот (100 г) на пареа или во микровална печка и прелијте го преку последниот слој на колачот.




Колачот се остава да отстои минимум 2 часа на собна температура за да се стегне како коричка. Најдобро е ако го оставите да отстои преку ноќ или еден цел ден на собна температура, најубаво ќе „фати.“ По отстојувањето, печете го во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35-40 минути.

По печењето, колачот се остава да се олади, па се сече и се послужува на коцки. Уживајте во посните денови со овој превкусен колач кој ќе ви го одбележи големиот пост. Колачот изглегува многу сочен и мек, а кога ќе се пресече и ќе се стави на некоја убава чинија изгледа многу декоративно. Деталите погледнете ги ОВДЕ.