Со оглед на тоа дека овој намаз е голем извор на енергетски и нутритивни состојки, идеален е за јакнење на имунитетот, па како таков се препорачува за деца и за постари лица, но и за сите останати на кои им е потребно закрепнување, ревитализирање и дополнителна енергија.
Потребни состојки:
125 г ливадски мед
125 г путер
Додатоци по желба
1 супена лажица поленов прав
50 г чоколадо
Постапка:
Во помал сад со миксер пенасто измешајте го путерот кој претходно омекнал на собна температура. Потоа со лажица постепено додавајте му мед, а на крај додадете рендано чоколадо и цветен прав.
Вака приготвениот путер можете да го користите како намаз или складирајте го во стаклена тегла со капак, па до употреба чувајте го на ладно. Со оглед на тоа што овој намаз има рок на траење исто како и путерот, многу е едноставен за приготвување, па се препорачува да не го правите во големи количини, туку според потребите на семејството.
Намазот е идеален за мали дечиња бидејќи медот не им капе низ прстињата. Ако децата не ви го сакаат медот, а сакаат чоколадни намази, додадете рендано или топено чоколадо, па така сигурно ќе го изедат, а медот нема ни да го почувствуваат.
Цветниот прав последниве години стана популарен и кај нас, бидејќи претставува еден од најбогатите природни извори на хранливи материи и ги содржи сите потребни нутритивни состојки. Во намазот исто така се препорачува употреба на ливадски мед, бидејќи медот е собиран од најразлично цвеќе, па со снагата на различните состојки поволно се влијае врз јакнењето на имунитетот.