Прехрамбените продукти богати со масни киселини, витамин Ц и Е, како и минералите како што се цинкот и селенот, го подобруват квалитетот на спермата и подвижноста на сперматозоидите

Во последните дваесет години бројот на мажи кои се борат со стерилитет практично е удвоен, а причините за опаѓање на машката плодност во општата популација, не се прецизно утврдени.

Сепак, се претпоставува дека најзначајниот фактор на ризик е начинот на живот- лоши навики, нездрава исхрана и стрес.

Потенцијални причинители за неплодност кај мажите е прогресивното опаѓање на вкупниот број сперматозоиди во ејакулатот и намалениот број на подвижни и морфолошки нормални сперматозоиди.

ОПАСНИ ПРОДУКТИ

Научниците од Данска заклучиле дека користењето на премногу заситени масти во исхраната негативно влијаат на машката плодност. Истражувањата покажале дека бројката на сперматозоиди кај мажите кои во исхраната внесувале премногу вакви масти, се намалила за неверојатни 41% . Според тоа од исхраната препорачуваат исфлање на сите месни преработки (салами, виршли, колбаси, паштети), сувомеснати производи (шунка, сланина), пржена и похувана храна, маргарин, чипс и други индустриски закуски.

Врз квалитетот на спермата влијае и пушењето, консумирањето на алкохол и премногу кафе, физичка неактивност, стрес, депресија, возраст, евентуална изложеност на хемикалии.

ЗАБЛУДА ЗА ПРОТЕИНИТЕ

Повеќето мажи се трудат да консумираат што повеќе протеини за да ја зголемат мускулната маса. Убедени се дека тоа е храна за вистински мажи, па често се одлучуваат за Аткинсова диета. Исто така, оние кои се физички активни, посебно доколку вежбаат во теретана, користат протеинска храна и шејкови со кои навистина им се зголемува мускулната маса, но истовремено им се намалува тестостеронот во крвта. Некои истражувања покажале дека нивото на тестостеронот по внес на полномасен милшејк опаѓа дури за 50%.

ЧУДВОТВОРНИОТ ВИТАМИН Ц

Резултатите од бројни студиии покажале дека внесот на доволна количина витамин Ц, го подобрува квалитетот на спермата,  обезбедувајќи виталност и подвижност на сперматозоидите.

Во едно истражување испитаниците во текот на 60 дена добивале 1000 мг витамин Ц дневно, а резултатите биле изненадувачки- бројот на сперматозоидите се зголемил за 60%, додека подвижноста се подобрила за 30%.

Како делува витаминот Ц? Се претпоставува дека станува збор за антиоксидативно дејство. Притоа, кај мажите кои не консумираат доволно витамин Ц се зголемува ризикот од производство на оштетени сперматозоиди, што може да биде причина за појава на вродени аномалии кај децата.

За да се внесе со храна околу 200 мг витамин Ц, потребно е да се изедат 3 портокали или две чаши сок од портокал; една и половина црвена пиперка, три киви или чаша смрзнато црвено овошје…

ЦИНК

Го зголемува бројот на сперматозоидите и нивото на тестостеронот, ја поттикнува клеточната делба и сексуалната желба, а покрај сето тоа, неопходен е за формирање на опашката кај сперматозоидите. Затоа овој минерал е една од важните супстаниции за одржување на плодноста, а доволни се само 15 мг цинк дневно. Морските плодови како што се раковите и школките претставуваат најдобар извор на овој корисен нутриент, а исто така го има и во семките на сончогледот и тиквата, пченичните никулци и пивскиот квасец.

СЕЛЕН

Селенот, исто како и цинкот, го поттикнува производството на сперматозоиди, како и нивната подвижност, а покрај тоа го намалува бројот на абнормалните машки полови клетки. Неопходен е за синтеза на тестостеронот кој го регулира производството на сперма. Кога нивото на селен е особено ниско, постои ризик од отпаѓање на опашката кај сперматозоидите и оштетување на ДНК.

Еден од најдобрите извори на селен е бразилскиот орев (доволно е да се изедат само 5 ореви дневно). Во консултација со лекарот може да се користи и некој суплемент кој содржи селен.

ЛИКОПЕН

Ликопенот е еден од 650 каротеноиди кој во високи концентрации се наоѓа во тестисите на здрави мажи, а ниски вредности од оваа материја се забележани главно кај оние кои патат од неплодност.

Црвеното овошје и зеленчук, пред се’ доматот-готвен! и црвениот цитрон обилуваат со ликопен.

ВИТАМИН Е

Оваа хранлива состојка ја подобрува способноста на спермата за импрегнирање. Хранливи продукти кои се богати со витамин Е се: интегрални житарки, никулци, ореви и бадеми.

ЖЕНШЕН

Обичниот и сибирскиот женшен можат да се земаат наизменично на секои три месеци, за да се поттикне производствотот и да се зголеми бројот на сперматозоиди.

Дозата изнесува од 100 до 250 мг „обичен“ или од 100 до 300 мг сибирски женшен, двапати дневно.

НЕЗАСИТЕНИ МАСНИ КИСЕЛИНИ

Додека заситените масти лошо влијаат врз квалитетот на спермата, незаситените масти се од големо значење за машката плодност затоа што учествуваат во изградбата на простагландинот, супстанција која ја јакне способноста на сперматозоидите да продрат во јајце клетката. Ниското ниво се поврзува со намалената плодност и абнормална граба на машките полови клетки.

Незаситените масни киселини најмногу ги има во морската риба-лосос и скуша, потоа во оревите, бадемите, мелено ленено семе, масло од лен и маслиново масло.

ДНЕВНО МЕНИ

Половина час пред појадокот треба да се испие свежо исцеден сок од два портокали и да се изеде порција од сезонско овошје.

За појадок треба да се направи мешавина од овесни снегулки, мелени бадеми, суво грозје и смокви, по лажичка мелено ленено семе, сусам и семки од тиква, лажичка рогач и пет бразилски ореви.

Тоа може да биде и варено просо готвено во оризово млеко, помешано со мед, мелени семки од тиква, мелени бадеми, ленено семе и сусам.

Ручек: лосос печен во рерна, интегрален ориз со морков и лук, салата од зелка; или: чорба од домати, парче бело месо, варен компир и морков, зелена салата.

Вечера: Парче интегрален леб со намаз од авокадо и лук, чаша сок од домати.