Оваа торта одзема околу 1 час подготовка сосе печење за кое вие не треба да дремете во кујната. Маж ми ја овожава оваа торта, а рецептот го добив од неговата баба, таа му ја правела кога бил мал.

Јас малку го дополнив рецептот, изменив количина на неколку состојки. На пример, таа не ставала лешници во глазурата, а јас ставам за да има Сникерс ефект и некои други мали измени. Воглавно базата е од состојките кои што се наведени подолу:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 140 г шеќер, 200 мл млако млеко, 80 г растопен путер, 250 г брашно, 40 г какао, 10 г прашок за печиво, 100 г чоколадо, 100-150 г цреши. ЗА СНИКЕРС ГЛАЗУРА: 100 г млечно чоколадо (растопено), 20 мл масло, 40 г лешници.




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува базата, односно кората-брауни, па додека се пече се подготвува глазурата и на крај се става во фрижидер да се стегне чоколадото пред да се послужи.




Во еден подлабок сад скрешете 2 јајца, па додајте 140 г шеќер. Измешајте лесно со жица/маталка додека да се соединат. Настрана растопете 80 г путер и додајте го во јајцата. Потоа додајте 200 мл млако млеко, најдобро е да го оставите минимум 1 час на собна температура пред подготовка на тортата. Истото направете го и со јајцата. 




Соединете ги состојките додека да се формира еднолична течна смеса. Потоа започнете со додавање на сувите состојки: брашно, какао и прашо за печиво. Измешајте ги сувите состојки настрана и додајте ги во течната смеса.




Започнете лесно да мешате со лажица додека да се формира убава и мазна смеса која нема да има грутки од брашното. Смесата треба да изгледа како чоколадна глазура, а ако некогаш сте подготвувале брауни (лава колач) ќе знаете за што зборувам.




Ситно исечкајте 100 г млечно чоколадо на ситни коцки, па додајте го во смесата. Ако имате цреши може да ставите во тортата, но најпрво исчистете ги од семката и поделете ги на половина. Наместо цреши може да ставате јагоди, малини, боровинки, микс од бобесто овошје…




Смесата излејте ја во калап со димензии 12х24 см, обложен со хартија за печење. Смесата убаво измазнете ја и распоредете ја еднакво низ калапот. Одозгора покријте со хартија за печење и ставете некој цврст предмет како поголема тава.




Печете во претходо загреана рерна на 180 степени, 40-45 минути. По печењето, избоцкајте го колачот со чепкалка за да проверите дали е печен. Кога тортата малку ќе се олади префрлете ја на чинија за сервирање.




Настрана растопете 100 г млечно чоколадо со 20 мл обично масло. Во глазурата додајте ситно сечкани лешници и потоа прелијте врз целата торта. Ставете во фрижидер да се стегне најмалку 2 часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.