Колачот е многу едноставен, се прави од неколку состојки кои секоја домаќинка постојано ги има во својата кујна. Ова е еден од оние колачи кои се јаде цел во едно седнување. Многу е кремаст, а пандишпанот е исто многу мек и сочен.

Рецептот го имам со години и досега уште ги нема надминато останатите колачи. Сопругот ми бара да му го подготвувам по три-четири пати во еден месец, а некогаш и почесто. Не е многу благ и многу е лесен бидејќи е целиот во крем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ЧОКОЛАДНИОТ ПАНДИШПАН: 80 г брашно, 30 г какао, 1 лажиче прашок за печиво, 3 јајца, 180 г шеќер, 50 мл млеко, 50 мл масло. ЗА ГЛАЗУРА: 40 г какао, 50 г шеќер, 200 мл млеко, 20 г путер (1 коцка). ЗА КРЕМОТ: 300 мл павлака за готвење (неутрална), 3/4 лажици шеќер во прав, 100 г крем сирење, 1 лажица какао. И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДАТ ПОТРЕБНИ: 50 мл млеко.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ги состојките за чоколадниот пандишпан. Во еден сад измешајте 80 г брашно, 30 г какао и 1 лажиче прашок за печиво. Земете друг, поголем сад и во него скршете ги трите јајца. Започнете да ги матите со миксер додека да станат пенасти. Постепено започнете да додавате 180 г шеќер, на неколку наврати, додека непрекинато матите со миксерот.




Кога шеќерот ќе се растопи во јајцата, после неколку минути константно матење, додајте 50 мл млако млеко и 50 мл масло. Соединете со миксер, па низ сито, просејте ги сувите состојки, исто на неколку наврати. Кога ќе ги додавате сувите состојки, соединувајте ја смесата со жица/маталка или со најмала брзина на миксерот, за да не спласне.




Смесата треба да биде малку густа и да нема грутчиња од брашното. Хомогената смеса излејте ја во плех со димензии 24×24 см или слична големина, претходно намастен со една коцка путер и набрашнет на дното и од страните на плехот. Израмнете, па протресете го калапот неколкупати од рамна површина за да излезат акумулираните гасови од дното.




Вклучете ја рерната да се загрее на 170 степени, па ставете го колачот на печење 30-35 минути. По печењето, проверете го пандишпанот со чепкалка и оставете да се олади. Во меѓувреме подгответе ја глазурата. ЗА ГЛАЗУРА: Во едно тенџере соединете 40 г какао, 50 г шеќер и 200 мл млеко. Промешајте ги состојките, па ставете го тенџерето на рингла и гответе на умерена температура.




Повремено промешувајте ја смесата, па откога ќе зоврие, варете уште 15-20 секунди, па тргнете од рингла. Конзистентноста на глазурата треба да биде течна. Во глазурата додајте 1 коцка путер и измешајте додека е уште врела, а потоа оставете да се олади. Потоа подгответе го кремот.




ЗА КРЕМОТ: Во еден сад соединете 300 мл неутрална павлака за готвење и 100 г крем сирење. Може да користите било какво крем сирење, маскарпоне, филаделфија, абц… Измиксајте ги состојките додека да се формира едноличен крем, па додајте 3/4 лажици шеќер во прав и повторно измиксајте додека шеќерот да се растопи.




На крајот додајте 1 лажица какао, соединете со шпатула и започнете со филување на колачот. ФИЛУВАЊЕ: Пандишпанот избоцкајте го на неколку пати со чепкалка, па прелијте го со 50 мл млако млеко, за да биде посочен. Оставете да отстои 4-5 минути, па премачкајте го кремот и израмнете.

На крајот, прелијте со чоколадната глазура, повторно израмнете и ставете го колачот во фрижидер, да се стегне и да може полесно да се сече. Најдобро е да отстои неколку часа или преку цела ноќ во фрижидер, па послужете го со сечење на коцки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.