Марко Пејчиновски – СО СРЦЕ ЗА РЕТКИТЕ

„После испливани преку 1000 км, напорни тренинзи, нервози, препреки, ветришта, браној, дожд, ладно и топло време, официјално ви кажувам дека на празникот Голема Богородица јас ќе пливам од Охрид до Св. Наум, преку Струга назад до Охрид.“ – откри Марко во порака до следбениците на својот Фејсбук профил.

„ …тоа е родено во мене… сѐ е дел од мене…од судбината…“ вели Марко Пејчиновски, 13 годишно дете-борец кој најави дека  на 28 август 2019 година, празникот Голема Богородица ќе плива соло маратон Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид, патека во должина која е скоро пет пати поголема од неговата возраст – 64 километри.

Детето кое минатата година направи подвиг за паметење откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид, најмладиот пливач кој ја препливал оваа делница и со тоа се вброи во легендите на пливачкиот спорт, дете кое успеа и покрај тоа што има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети, соочувајќи се со болката која му беше сопатник и противник, успеа да се соедини со водата и езерото и да ПОБЕДИ.

И оваа година на 28 август, Марко ќе влезе во костец со километрите. И пак ќе се соочи со себе и со езерото, но овој пат својата лична битка ќе ја посвети за повисока цел.

Ќе речете ЗА КОГО? ЗОШТО? КАКО?
ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ. ЗА ДА ЈА ПОДИГНЕ СВЕСТА ЗА НИВНОТО МЕСТО И ТРЕТМАН ОД И ВО ОПШТЕСТВОТО. ЌЕ ПЛИВА ИСКРЕНО И ОД СРЦЕ , СО ЉУБОВ, од НЕГО „реткиот“ ЗА НИВ „РЕТКИТЕ“…ЗА ДА СТАНАТ ПОВИДЛИВИ, ПРИФАТЕНИ и НЕРАЗДЕЛЕН ДЕЛ ОД НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ…Ќе плива за НИВ, но и ЗА НАШЕ ОСВЕСТУВАЊЕ!

Оти отсекогаш се знае дека децата имаат најчисто срце, а со тоа и нивните намери и желби се искрени и полни и токму затоа децата нѐ учат нас возрасните дека е наједноставно да го направиш светот поубаво место за живеење САКАЈЌИ ИСКРЕНО, ДАВАЈЌИ ОД СРЦЕ и ГЛЕДАЈЌИ ОКОЛУ СЕБЕ.

Токму поради сето горе кажано, оваа година Марко пред себе постави сериозно голем предизвик со исклучителна хумана цел – да го сврти вниманието на јавноста, а пред сѐ на општествените чинители кон лицата со ретки болести кои секојдневно бијат маратонски битки и се соочуваат животозагрозувачки препреки.

Марко ќе биде гласот на овие луѓе кој на 28 август ќе се претвори во крик за поддршка на лицата со ретки болести и подобрување на нивниот статус во општеството, а пред сѐ на здравствената грижа за нив.

Затоа што сите имаме ист дом-Земјата, дишеме ист воздух, живееме под исто Сонце. Затоа што сите сме исти пред Бога, затоа што Е ЦЕЛО КОГА ИМА СЀ! И ЦЕЛО Е КОГА НЕ ЗАТВОРАМЕ ОЧИ ПРЕД „РЕТКОСТА“ туку ГЛЕДАМЕ СВЕСНО и СО ШИРОКО ОТВОРЕНИ ЗЕНИЦИ.
СО СРЦЕ ЗА РЕТКИТЕ!

СО ИСКРЕНА ПОЧИТ,
Тим на Марко Пејчиновски
Охрид, 23.08.2019