Фото и рецепт: Драгана Ѓорѓевиќ – Оваа година има богат род на шумските печурки, а кај нас како посебен деликатес е печурката вргањ. Ако сте меѓу оние што ја препознаваат и што ја берат, оваа година може да го приготвите вргањот на различни начини.
Иако најсладок е во свежа состојба, сепак, доколку имате поголема количина треба да го конзервирате за зимница. Измиен, исчистен и исцеден може да се замрзнува, може да го приготвите во тегли со маринада или со масло.
Потребни состојки: 20 кг вргањ, 29 тегли од 680 г, 7 литри вода, 2 кесички лимонтус, 200 мл оцет, 100 г сол, неколку ловорови листови, неколку зрна пимент/црн пипер и за прелевање: вода и оцет 50:50
Постапка: Јас собрав 20 килограми вргањ кој го складирав во 29 тегли од по 680 г. Во тенџере од 10 литри ставете на оган 7 литри вода, 2 кесички лимонтус, 200 мл оцет (по ваш избор), 100 г сол, неколку ловорови листови и неколку зрна пимент/црн пипер.
Кога водата ќе зоврие во неа ставете го исчистениот и на крупно исечканите печурки вргањ. Оставете да се вари 10 минути, а потоа со решеткаста лажица вадете го и редете го во празни тегли. Во секоја тегла ставете по некој ловоров лист и зрна пимент/црн пипер.
Во друго тенџере ставете вода и оцет, но односот да биде половина на половина (50:50) за да биде послаб растворот. Со оваа течност прелијте ги веќе подварените печурки. Затворете ги добро теглите, наредете ги во плех од рерна, но внимавајте да не се допираат една до друга.
Вклучете ја рерната на 100 степени и оставете ги да се пастеризираат еден час. По тоа време исклучете ја рерната, но теглите оставете ги внатре да се оладат постепено преку цела ноќ. Изладените тегли вадете ги од рерна и уживајте во овие шумски плодови. Фото и рецепт: Драгана Ѓорѓевиќ
Печурки врган во маслиново масло – деликатес кој вреди да се проба / Фото: Живко Корабовски / Рецепт: Марјан Стојановски
Највкусните печурки и најквалитетните кои можат да се наберат во македонските шуми. Врганот има пријатен мирис и вкус како и нискокалорични вредности, а притоа често се користи во кулинарството. Во италијанската кујна, овој вид печурки се општо познати како ”Porcini” и се користат при приготвување на рижото, давајќи му одличен вкус.
Вргањот е печурка која буди најмногу интерес кај љубителите и собирачите на печурки. Може да се најде во периодот од месец јуни до месец ноември во листопадни и зимзелени шуми.
Потребни состојки: печурки врган, оцет, вода, сол, црн пипер во зрно, ловоров лист, маслиново масло, квалитетно ладно цедено
Постапка: најпрво добро исчистете ги печурките. Во тенџере направете смеса од три делови вода, еден дел оцет и сол по желба во зависност од количината на печурки. Тенџерето ставете го на оган да зоврие, па во моментот кога ќе зоврие додадете ги печурките и оставете ги да вријат уште десет минути на тивок оган.
Процедете ги од течноста и оставете ги убаво да се исцедат, исушат и оладат. Земате стерилизирани тегли (околу половина час на 100 степени во рерна) па започнете со полнење. Ставете ред печурки, па црн пипер во зрно и ловоров лист, па пак печурки, па ловоров лост и бибер и сè така додека да се наполнат.
На крај ги дополнувате со маслиново масло (шо поскапо то поубав), протресете убаво за да се иполнат сите шуплини и херметички затворете ја теглата. Пробано е, прекрасно е! /Фото: Живко Корабовски /Рецепт: Марјан Стојановски