Пребарувајќи низ разните рецепти кои денес можат да се најдат на социјалните мрежи, наидов и на овој под наслов „Македонска баклава“. Ги прочитав состојките и си помислив дека ова е сè, само не нашата традиционална баклава со ореви.
Но, сепак, состојките и начинот на приготвување ми го привлекоа вниманието, па одлучив да ја испробам. И не се покајав! Единствено што жалев е дека приготвив половина од дозата, па веднаш ја изедовме. Ова е највкусната баклава што сум јадела. Не знам од кој крај потекнува и кој ја осмислил, но решив да ја споделам со вас. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 18 тенки кори за баклава, 4 јајца, 4 супени лажици шеќер, 4 супени лажици гриз, 3 супени лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 150 г сечкани ореви, 100 г суво грозје, 2 кисели јаболка, 300 мл растително масло. За сируп: 600 г шеќер, 500 мл вода, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)
ПОСТАПКА: Прво направете го сирупот и оставете да се олади. Со кујнска маталка изматете ги јајцата заедно со шеќерот додека тој да се растопи (ако ви е полесно користете миксер, но не мора пенасто да се изматат). Потоа додајте гриз, брашно и прашок за печиво, па убаво измешајте за да добиете мазна смеса без грутчиња.
Потоа додајте ги сечканите ореви, сувото грозје (претходно можете да го хидрирате во рум, ликер, сок од портокал или топла вода, па да го исцедите пред додавањето) и ренданите јаболка (јаболката излупете ги и изрендајте ги на крупната страна).
Сето добро промешајте го со лажица или кујнска шпатула. Отворете ги корите и пребројте ги. Приближно за секој ролат ќе ви бидат потребни по три кори. Земете три кори, па отворете ја првата, испрскајте ја со малку масло и поклопете ја со втора кора.
И неа испрскајте ја со малку масло, поклопете со трета кора, па и неа испрскајте ја со масло. По ивицата ставете фил, па свиткајте како пита-ролат и редете во плех или соодветна тепсија обложена со хартија за печење.
Постапката повторете ја со сите останати кори. Исечете ја баклавата и залијте ја со остатокот од маслото (она што ќе ви остане од 300 мл). Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, приближно 20 минути или додека убаво да зарумени.
За сируп: 600 г шеќер сипете во половина литар вода и додајте една кесичка ванилин шеќер. Ставете на оган и мешајте додека да се растопи, а од моментот на зовривање оставете да врие на умерена температура уште 15 минути. Потоа тргнете од оган и оставете да се олади. Топлата баклава залијте ја со оладениот сируп. Рецепт на Сања Монти. Прочитајте рецепт за струмичка баклава – ОВДЕ.