Денес сакам да ви откријам еден многу лесен рецепт за вкусни мафини кои брзо се приготвуваат и одлични се за појадок или вечера. Мафините се многу вкусни, меки, воздушести, а се подготвуваат од само неколку состојки. Оваа количина што ја правам е за шест мафини, но вие слободно може да ја удвоите количината за повеќе мафини.
Со години ги правам и сите дома, но и гостите ги обожаваат. Навистина се брзи и лесни и секогаш се прв избор кога немам време за нешто посложено. Ги подготвувам и како закуска или предјадење, а истата смеса може да се излева и во плех, па да се сечат уште помали залак-парчиња.
Одлично се комбинираат со било што и да имате в кујна, а може да се приготвуваат во солена или слатка варијанта. Ние повеќе ја сакаме солената варијанта, па ќе ви откријам неколку предлози.
Сите рецепти ги содржат речиси истите состојки, а се разликуваат сосем малку.Вие одберете го рецептот кој најмногу ви одговара или според продуктите што моментно ги имате дома. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, половина кесичка прашок за печиво (5 г), една црвена пиперка со средна големина, една тиквица, 250 г рендан кашкавал, 125 г брашно и сол и црн пипер по вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 тиквичка, малку мирудија/копар и магдонос, 50 г сирење/кашкавал, 50 мл јогурт или млеко, 3 супени лажици гриз, 2 јајца, 2 лажици масло, 1 лажица прашок за печиво (1 кесичка, 10 г), 70 г брашно
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 тиквичка со средна величина, 2 јајца, 60 мл млеко, 100 г брашно, 2 лажици маслиново масло, 2 лажици гриз, 1 лажица прашок за печиво (10 г), 50 г пармезан, црн пипер по вкус и зачини доколку сакате, по вкус
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во стаклен сад скршете ги јајцата и додајте сол и црн пипер по вкус. Јас додавам половина кафена лажичка сол и нешто помалку црн пипер, што е сосем доволно. Со кујнска жица за матење измешајте ги состојките, а потоа настрана изрендајте ја тиквицата на покрупната страна од рендето.
Ренданата тиквица додајте ја во смесата со јајца и малку промешајте. Пиперката исечете ја на ситни коцкички и додадете ја во смесата. Кашкавалот исто така изрендајте го крупно, 250 г или некое цврсто сирење доколку во моментот немате кашкавал. Додајте го во смесата и повторно промешајте.
Во приготвената мешавина започнете да го додавате брашното. Најпрво додајте половина од потребната количина и добро измешајте. Кога ќе се соединат сите состојки, додајте ја и другата половина. Соединете ги сите состојки и на крајот додајте половина кесичка прашок за печиво.
Целата смеса изедначете ја. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 200 степени. Овие мафини се печат за многу кратко време. Во калапите каде што ќе ги печете мафините, намастете ги модлите и наросете ги со малку брашно на дното и на страните.
Потоа со супена лажица внипателно црпете од смесата и полнете ги модлите две третини од нивниот волумен, зашто при печењето тие ќе нараснат. Мафините се печат 30 минути на 200 степени. Во зависност од рерната може да се печат и 20 минути, значи потребно е да добијат убава румена боја и да се подигнат. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: тиквичката изрендајте ја, па посолете ја и оставете ја 10-тина минути. потоа процедете ја и додајте го гризот. Додајте и рендано сирење или кашкавал, сечкан магдонос и копар по вкус. Убаво промешајте.
Додајте ги јајцата кои сте ги изматиле со млекото, па додајте го и маслото. Сето добро промешајте го. На крај просејте го брашното (не мора) помешано со прашокот за печиво. Излејте во калапи за мафини претходно намастени, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. Следи постапката за третиот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 3: тиквичката измијте ја и отстранете ги двата краја (тврдите делови). Потоа изрендајте ја на крупно ренде. Малку посолете и оставете настрана 10-тина минути. Потоа со раце исцедете ја убаво сета течност која ќе се ослободи.
Исцедената рендана тиквичка ставете ја во еден подлабок сад, а сокот сочувајте во во некоја стаклена тегличка и искористете го дента за приготвување на некоја салата. Овој сок содржи многу хранливи материи, па не би требало да се фрли.
Во тиквичките додајте две изматени јајца, 60 мл млеко, 100 г просеано брашно помешано со 1 лажица прашок за печиво, 2 супени лажици маслиново масло, 2 супени лажици гриз и 50 г рендан пармезан. Во смесата додајте и малку црн пипер, а доколку сакате, додајте и некои други зачини по ваш вкус.
Со помош на лажица промешајте ги сите состојки додека рамномерно да се изедначат. Калапите за мафини намастете ги во подебел слој со путер (маст или маргарин, по ваш избор), а потоа полнете ги со по две полни супени лажици од смесата. Калапите не треба да се преполнуваат затоа што во текот на печењето мафините малку ќе нараснат.
Кој сака по желба може одозгора да нароси и сусам, ким, или било какви семки или семе по желба (но, не мора). Загрејте ја рерната на 180 степени, а потоа печете ги мафините околу 15-20 минути.
Печените мафини оставете малку да се подизладат, па извадете ги од калапите и послужете ги со чаша јогурт или кисело млеко. Може да ги послужите за појадок, вечера или како прилог или предјадење.