Многу вкусна погача која се прави лесно и е мека како памук. Најубавата погача, која изгледа убаво, но исто така има многу добар вкус. Замесете го тестото, обликувајте и ставете на печење, а потоа гостете се како кралеви.

Фото и рецепт: Соња Накова




Потребни состојки: 500+50 г меко бело брашно, 1,5 лажичка сол, 1 пакување (10 г) сув квасец или 20 г свеж, 200 мл млако млеко, 200 мл млака вода, 1 лажичка шеќер и 5 лажици масло. За премачкување на тестото: 125 г путер или маргарин, доста меко сирење по вкус, за премачкување на погачата: 1 жолчка, 1 лажица вода.




Постапка: Измешајте млака вода и млеко, додајте лажичка шеќер и квасец. Оставете неколку минути на топло за да се активира квасецот (ова важи ако користите сув, а доколку користите свеж, ќе ви биде потребно малку повеќе време и во него треба да се додаде и малку брашно).




Во сад за месење просејте 500 г меко бело брашно, додајте сол и промешајте. Во средината направете вдлабнување, па во него ставете го активираниот квасец и маслото. Замесете меко тесто, меко колку да не се лепи на рацете. По потреба додајте уште малку брашно, но не многу.

Фото и рецепт: Соња Накова




Тестото обликувајте го во топка, прекријте го и оставете го да стасува околу половина час, за да се удвои. Стасаното тесто премесете го, па поделете го на пет или шест еднакви делови. Од секој дел направете топче, па со оклагија развлечете го во круг со дебелина од околу 0,5 см.




Секој круг премачкајте го со омекнат путер или маргарин, па наредете ги еден врз друг. Последниот круг не се премачкува. Вака нареденото тесто со оклагија развлечете го во голем круг со дебелина од 6-7 мм. Преку цела површина премачкајте го со путер, наросете со сирење по желба и свиткајте го во ролат.




Ролатот малку развлечете го со рацете да добие во должина, па со тенок остар нож сечете го на парчиња со дебелина од околу 1,5 см. Дното на тркалезен калап со пречник од 24-26 см обложете го со хартија, а ѕидовите премачкајте ги со путер.




Покрај ѕидот на тепсијата редете ги парчињата исправено, а во средина редете ги со сечената страна кон горе. Оставете го тестото добро да стаса во плехот, на топло место, барем половина час. Рерната вклучете ја добро да се загрее на 200 степени.




Жолчката разматете ја со една-две лажици вода и премачкајте ја погачата. По желба можете да наросите со сусам. Ставете ја да се пече на 200 степени околу 5-10 минути, а потоа намалете на 180 степени и продолжете со печење уште 35-40 минути, во зависност од вашата рерна. Доколку површината на погачата започне пребрзо да заруменува, прекријте ја одозгора со алу-фолија да не прегори.




Печената погача треба да е убаво румена и лесна на допир, кога ќе ја чукнете со прстите одозгора треба да звучи како да е шуплива. Извадете ја од плехот и оставете ја да се олади на решетката. / Фото и рецепт на Соња Накова од групата НМД рецепти.

Фото и рецепт: Соња Накова