ПЛАЗМА ТОРТА – Лесна кремаста торта со плазма кекси, тенки кори од белки и многу фил, ќе ги израдува вашите најмили.
Кај нас им се допадна како на децата така и на возрасните. Идеална торта за родендени. Се печат три кори од по 4 белки, што значи за старт ви се потребни 12 јајца. Вкупно се потребни 300 г мелени плазма кекси, а секоја кора одземате по 4 лажици (вкуспно 12 лажици), а остатокот се додава во филот. Еве што друго ви е потребно:
Потребни состојки за една кора:
4 белки, 4 лажици шеќер, 4 лажици мелена плазма и 1 рамна лажичка прашок за печиво. Потребни се три вакви кори.
За крем:
12 жолчки, 10 лажици шеќер, 100 г чоколадо за готвење, 600 мл млеко, 2 пудинзи со вкус на слатка павлака (или ванила) + 3 лажици шеќер, 250 г путер или маргарин и остатокот од мелената плазма (300 г минус 12 лажици кои се ставаат во корите), 2 шлаг креми од ванила и млеко за матење на шлаговите – според упатството на кесичката.
Постапка:
Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Пенасто изматете четири белки со 4 лажици шеќер. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст снег. Потоа додадете 4 лажици мелена плазма кекси и прашок за печиво, па промешајте внимателно со лажица, со превртување, за да остане смесата воздушеста.
Рамномерно распоредете ја во калап со пречник 26 см или плех со средна величина и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15 минути. Кората е готова кога малку ќе се зарумени. Внимавајте да ја препечете зошто ќе стане тврда и кршлива, па во тој случај ќе треба да ја натопите со малку млеко. Исти вакви печеме уште две кори, вкупно три.
Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот додека тој да се растопи а жолчките да побелат и згуснат, па ставете ги на пареа да се сварат со постојано мешање, 15 минути (садот со кремот ставете го врз тенџере во кое врие вода, па мешајте ги во времетраење од 15 минути).
Во топлиот крем од жолчки додадете чоколадо искршено на коцки и мешајте додека тоа да се растопи, а потоа трегнете го на страна и оставете го покриено со фолија да се олади (или повремено промешувајте го за да не фати кора).
На оган ставете 500 мл млеко, а во останатите 100 мл разматете шеќер и пудинг, па кога млекото ќе зоврие, додадете го разматениот пудинг и мешајте додека да се згусне. Тргнете го на страна, прекријте со фолија и оставете да се олади.
Пенасто изматете го путерот омекнат на собна температура, па додадете го во изладениот пудин и соединете ги, а потоа додадете го и изладениот фил од жолчки. Добро промешајте и на крај соединете со преостанатата мелена плазма.
На крај изматете шлаг крем според упатството од кесичката. Богато филувајте ги корите со плазма, па декорирајте со шлаг крем. Има доволно крем да се премачка целата торта околу и одозгора. Декорација по избор, ладење и сервирање.
Domacirecepti.net