Чоколадна торта која се подготвува многу слично како познатиот старински колач „Кох“ со преливање на млекото. Ова е чоколадна верзија и веруваме дека многу ќе ви се допадне. Тортата се состои од пандишпан и прелив од чоколадно млеко кое ја прави сочна и уште повкусна.




При секој залак, се чувствува сочноста, па дури и малку од филот се излева при загризување. Пробајте го овој економичен и современ рецепт за кој не ви треба повеќе од 15 минути да поминете во кујната. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 3 јајца, прстофат сол, 1 мала лажица ванилин екстракт, 220 г шеќер (1 чаша), 160 мл сончогледово масло, 250 мл млеко (1 чаша), 1 мала лажица инстант кафе, 20 г незасладено какао (1 голема лажица), 20 г прашок за печиво, 300 г брашно.

ЗА ФИЛОТ: 320 мл млеко, 3 големи лажици шеќер, 3 големи лажици несквик, 10 г пченкарен скроб, 1 мала лажица ванилин екстракт, 1 мала лажица инстант кафе, рендано темно чоколадо за декорација.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го филот бидејќи треба да се стави настрана да се олади, па да се прелие врз топлата кора. Во едно тенџере ставете 320 мл млеко, додајте го шеќерот, несквикот, пченкарниот скроб, ванилиниот шеќер и нескафето или некое друго (инстант кафе).




Промешајте ги состојките со жица/маталка и ставете го тенџерето на рингла додека млекото да зоврие. Ринглата треба да биде вклучена на ниска температура и со повремено мешање млекото сосем малку да се згусне.




Смесата не треба да биде густа како пудинг, треба да остане течна, нешто потечна од смесата за палачинки. Кога ќе добиете млеко со ваква конзистентност, тргнете го тенџерето од рингла и оставете да се олади. Во меѓувреме, подгответе ја кората.




ЗА КОРАТА: Во еден подлабок сад скршете 3 јајца, наросете малку сол и додајте 220 г шеќер сосе ванилиниот екстракт. Започнете смесата да ја матите со миксер, додека да стане пенаста и да го удвои својот волумен. Во меѓувреме, кога смесата ќе почне да се соединува, се додава маслото.




Во друг сад, помешајте го млекото кое треба да биде отстојано минимум 1 час на собна температура и во него додајте го инстант кафето. Повремено започнете да го додавате млекото додека со шпатула го соединувате со останатите состојки кои претходно ги измативте.

На крајот, преку сито се наросуваат брашното, какаото и прашокот за печиво. Целата смеса се соединува со шпатула додека да биде еднолична и да нема формирано грутчиња од сувите состојки. Вака подготвената смеса се излева во калап, обложен со хартија за печење и фино се израмнува.

Калапот треба да биде со иста или слична големина на 35х24 см. Кората се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-35 минути и по печењето се проверува со чепкалка. Потоа, додека е уште топла, се избоцкува на повеќепати со виљушка или стапче и се прелива со оладениот фил.

Филот се остава да се впие во тортата околу 2 часа, а пред послужување се наросува со рендано чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.