Овие колачиња траат со денови, ако ги оставите на собна температура, не се сушат и го задржуваат својот убав вкус. Одлично одговараат како десерт за претстојните слави и празници, поради нивниот декоративен и впечатлив изглед, но и поради тоа што се многу вкусни.




Се подготвуваат многу лесно и едноставно, најпрво се замесува тесто како подлога, па се подготвува филот од лешници кој се премачкува врз тестото, а по печењето, се натопуваат во чоколадо. Дечињата ги обожаваат, поради тоа што потсетуваат на еурокрем. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 80 г шеќер, 130 г путер на собна температура, 8 г прашок за печиво, 300 г брашно. ЗА ФИЛОТ: 150 г растопен путер, 300 г сечкани лешници, 100 г мелени лешници, 60 г шеќер, малку екстракт од ванила. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ И ГЛАЗУРА: 2 лажици џем од кајсии, 200 г темно чоколадо.




ПОСТАПКА: За подготовка на тестото, во еден сад скршете 2 јајца и малку измешајте ги додека да станат пенасти. Додајте го шеќерот и фино измешајте ги состојките додека да се добие еднолична смеса. Додајте го путерот, кој треба да биде на собна температура за лесно да се инкорпорира во смесата (исечкан на коцки).




Кога ќе ги измешате состојките, додајте го прашокот за печиво и 300 г брашно. Замесете фино, тврдо и нелепливо тесто кое не треба да се распаѓа. За уште повеќе тестото да се стегне, завиткајте го во пластична фолија и ставете го во фрижидер да отстои 30-тина минути.




Во меѓувреме подгответе го филот: Во тенџере на рингла, вклучена на средна температура, ставете го путерот и почекајте да се растопи. Во путерот додајте ги ситно сечканите лешници, а потоа и мелените. Соединете ги состојките додека да се формира смеса со густа конзистентност.




На крајот, се додава шеќерот и екстрактот од ванила и уште сосем малку се промешува и се остава на рингла, додека да се соединат состојките. Потоа филот тргнете го настрана и оставете да се олади. Извадете го тестото од фрижидер и ставете го на средина на еден плех со флексибилен обрач, на дното обложен со хартија за печење.




Плехот треба да биде со димензии 38х25 см или слична големина. Со помош на прстите, развлекувајте го тестото на сите страни додека да се обложи целиот плех. Тестото треба насекаде да биде со подеднаква дебелина и да се израмни и натапка со внатрешната страна на дланките.

Потоа, избоцкајте го тестото со виљушка на неколку места, па одозгора ставете 2 лажици џем од кајсии или каков имате и убаво израмнете врз кората. Врз тенкиот слој од џем, се премачкува со филот од лешници и фино се натапкува со задниот дел на една лажица.

Вака подготвениот колач се става на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-тина минути. По печењето, колачот се остава сосем малку да се олади, па потоа се сече на 2 ленти од подолгата страна и уште 4 ленти од пократката страна, за да се добијат 15 парчиња коцки.

Потоа секоја коцка се дели на половина во дијагонала за да се добијат вкупно 30 триаголници. На пареа или во микробранова печка, растопете го црното чоколадо и секое колаче натопувајте го во глазурата само на врвовите од две или три страни на триаголникот.

Колачињата се ставаат на плех со хартја за печење додека чоколадото малку да се стегне, а потоа се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.