Овој колач се подготвува за многу кратко време и секој што го направил се воодушевува од лесната постапка. Купечките чоколади можете да ги замените со овој прекрасен колач кој целиот е во крем.
Се јаде со лажица, а нестрпливите црпат директно од садот каде што е подготвен колачот. Колачот е мек, но интересно е тоа што насекаде низ него има крупни парчиња биксвити кои при загриз малку крцкаат, но сепак повеќе омекнуваат од кремот.
Сѐ што треба да направите е да си ги подготвите намирниците за колачот, а потоа да одвоите 10 минути во кујна за да го подготвите. Најтешката работа е тоа што се чека колачот да се олади во фрижифер неколку часа. Колачот се состои од 2 богати слоеви кои се различни и перфектно си одговараат. Еве што ви е потребно за да го подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРВИОТ СЛОЈ: 4 чаши млеко (800 мл), половина чаша брашно (50 г), половина чаша пченкарен скроб (40 г), 1 чаша шеќер (160 г), 1 пакување чоколадни или обични бисквити (може и пишкоти), 2 жолчки, 1 пакување шлаг, половина чаша млеко. ЗА ГЛАЗУРА: инстант чоколаден прелив или темно чоколадо и 1 лажица масло.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ СЛОЈ: Млекото ставете го во поголемо тенџере. Во млекото растворете го шеќерот и жолчките, па додајте ги останатите суви состојки како брашното и скробот, па добро промешајте со кујнска маталка/жица за да се растворат и да не останат грутчиња.
Тенџерето ставете го на рингла и загревајте на умерена температура со непрекинато мешање додека да се звари и згусне, како пудинг. Мешајте додека состојките целосно да се инкорпорираат, важно е тоа да го правите на ниска температура, за млекото да не ви загори. По зовривање на млекото, гответе уште 2 минути, додека да се добие потребната конзистентност.
Во пудингот нема потреба од додавање на путер, колачот е испробан и е многу вкусен и без него. Додека пудингот се лади, во еден помал сад истресете го половина од шлагот и прелијте со половина чаша млеко (или според упатството на кесичката).
Изматете со миксер додека да се добие фин шлаг. Доколку сакате да ги искористите белките, изматете ги нив во цврст шам, наместо шлагот.
Кога пудингот малку ќе се олади, постепено започнете да го инкорпорирате со шлагот. Додавајте по 1-2 лажици од шлагот во пудингот и со шпатула соединувајте, додека двете смеси да станат хомогени.
Земете неколку бисквити/пишкоти и исечкајте ги на 2-3 пати, да останат крупни парчиња. Може да користите обични или чоколадни бисквити или пак пишкоти (обични/чоколадни).
Бисквитите измешајте ги во кремовите и добро соединете. Во огноотпорен сад или некој по ваша желба со пречник од 26 см излејте ја смесата и добро израмнете ја одозгора со помош на шпатулата. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне, додека ја подготвувате глазурата.
ЗА ГЛАЗУРА: Чоколадото искршете го на помали коцки и ставете го во помал сад, врз друг сад на пареа и измешајте со 1 лажица масло. Мешајте додека чоколадото да се стопи. Може да користите и инстант чоколаден прелив.
Излејте го растопеното чоколадо врз кремот со биксвити/пишкоти и добро израмнете. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне 3-4 часа, па пред послужување декорирајте го со чоколадни трошки или по желба.
СОВЕТ ПЛУС: Доколку сакате колачот да го направите во 3 слоеви, тогаш направете и дополнителен чоколаден слој, кој ќе го подготвите на ист начин како првиот само ќе додадете и 2-3 лажици какао и ќе го одземете шлагот. Наместо шлаг може да ставите 1-2 коцки путер.
Чоколадниот слој ќе го нанесете прв во садот, потоа белиот, а на крајот ќе прелиете со чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.