Куглофот е еден од омилените брзи колачи, а може да се приготви на најразлични можни начини. Следниот рецепт е многу едноставен и брзо се приготвува, а куглофот освен што е многу вкусен и мирисен, се топи во уста зашто е мек како памук. Сусамот со кој се обложува му дава дополнителен вкус. Нема да се покаете ако го испробате, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 1 прстофат сол, 120 мл масло за готвење, 150 мл млеко, 110 г цврст јогурт со вкус на ванила (или кисела павлака измешана со една лажица екстракт од ванила), 300 г брашно, 16 г прашок за печиво (1.5 кесичка)
ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го калапот за куглоф: намастете го со помош на силиконска кујнска четка на дното и страните, а потоа обложете го целиот со сусам. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 минути, зашто смесата многу брзо се подготвува.
Во еден подлабок сад скршете четири јајца, додајте 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г) и 1 прстофат сол, па пенасто изматете со миксер додека да се растопи шеќерот, а јајцата да згуснат во кремаста смеса.
Потоа во тенок млаз додавајте го маслото (120 мл) додека непрекинато матите, а кога тоа ќе се апсорбира, на ист начин додајте го и млекото (150 мл), како и 110 г цврст јогурт со вкус на ванила (или кисела павлака).
Откако добро ќе се поврзат влажните состојки во пенлива, хомогена смеса, додајте го брашното (300 г) помешано со прашокот за печиво (16 г), најдобро просеани низ сито. Овојпат мешајте со кујнска маталка или шпатула, за да се сочува пенливоста.
Земете шпатула и добро поминете по ѕидовите на садот за да се осигурате дена не останало залепено брашно, па штом смесата стане хомогена, мазна и без грутчиња (како крем), излејте ја во претходно подготвениот калап за куглоф.
Неколкупати потчукнете го куглофот од масата за да излезат евентуалните воздушни меурчиња, па ставете да се пече во веќе загреаната рерна на 180 степени, приближно 35 минути, но најдобро да проверите со стапче. Кога малку ќе подизлади, колачот превртете го врз десертна чинија и послужете го.
Одозгора можете да го наросите со шеќер во прав или да го залиете со карамел или чоколадна глазура, но и вака е многу декоративен и вкусен, па нема потреба од дополнителна декорација. Деталите погледнете ги ОВДЕ.