Овие крцкави стапчиња се многу вкусни, па можете да си ги приготвувате за секој ден, но и за свечени пригоди. Кога ќе им ги принесам на гостите, веднаш сите се изедуваат па никогаш немам доволно, колку и да направам.




Постапката е многу лесна и едноставна и целиот процес е многу брз. Не валкате многу садови зашто сите состојки се мешаат само во еден, а добиеното тесто не се чека да стасува. Се развлекува, се сечат стапчињата, а потоа се печат или пржат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 1/2 чаша млеко (100 мл), 1 китка свеж магдонос, 150 г рендан кашкавал, 100 г фета сирење, 1 мала лажичка сол или по потреба, 1 мала лажичка шеќер (8 г), 10 г сода бикарбона (или прашок за печиво, 1 кесичка), 4 чаши сенаменско брашно (480 г) или по потреба




ПОСТАПКА: Една цела китка свеж магдонос добро измијте ја под млаз ладна вода, а потоа оставете ја во цедалка да се исцеди од вишокот вода и да се исуши, за полесно да се исечка. Потоа, врз даска за сечење исечкјате го магдоносот сосе младите дршки, најситно што можете.




Во еден подлабок сад скршете две јајца, па додајте 150 г рендан кашкавал (чедар или некој по ваш избор), 100 г фета сирење исечкано на ситни коцки или некое друго меко сирење, половина чаша млеко (100 мл) и ситно сечканиот магдонос.




Потоа додајте една мала лажичка шеќер (8 г) и промешајте ги сите состојки со дрвена лажица или шпатула. Кога состојките ќе се растопат и изедначат, во мешавината додајте четири чаши сенаменско брашно (480 г) помешано со 10 г сода бикарбона или прашок за печиво.




Брашното е најдобро да се додава постепено, во неколку наврати, зашто неговата количина може да варира. Посолете со една лажичка сол или по потреба, па промешајте најпрво со лажица додека да се впие брашното, а потоа замесете со рака.




Треба да добиете компактно, средно меко тесто кое не се лепи за рака. Тестото не се остава да одмора, туку веднаш се работи. Работната површина наросете ја со брашно, па истресете го тестото и со помош на оклагија развлечете го во правоаголна кора со дебелина од приближно 5 мм.




Потоа сечете лентички со широчина од приближно 1.5 см или правете ги по ваша желба. Во нелеплива, широка тава загрејте масло на средно умерен оган, па спуштајте ги стапчињата и пржете ги од двете страни по неколку минути, додека да заруменат. По желба, може да ги печете и во рерна, во плех обложен со хартија и малку намастен. Деталите погледнете ги ОВДЕ.