Ако барате некој лесен и едноставен рецепт за мини колачиња со кои сакате да се засладите додека го пиете кафето, тогаш сте на вистинското место. За нивно приготвување ќе ви биде потребно најмногу половина час, а можеби и помалку. Преливот од чоколадо и бадеми ги прави неодоливи, а во тоа ќе се уверите ако веднаш ги приготвите. Еве што ви треба:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г путер, 125 г шеќер, 1 јајце, 60 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г брашно од бадеми, 5 г прашок за печиво (1/2 кесичка), 400 г брашно +-. За глазура: 200 г чоколадо по избор, 1 лажица масло и 100 г бадеми




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 150 г путер (претходно исечкан на помали коцки и омекнат на собна температура), додајте 125 г ситен шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 60 мл масло за готвење и едно цело јајце.




Со виљушка или жица-маталка соединете ги состојките за да добиете фина хомогена смеса. Доколку ви е полесно може да користите и електричен миксер, но доста брзо и лесно се меша и со кујнска маталка.




Во добиената смеса додајте 100 г брашно од бадеми (или мелени бадеми, а може и некое остро брашно) и 5 г прашок за печиво, па повторно добро измешајте. Најпосле додајте 400 г брашно со прстофат сол (брашното може да го додавате постепено за точно да ја оцените потребната количина).




Тестото замесете го рака или со миксер додека да стане компактно. Доколку е малку меко под рака, додајте уште малку брашно и домесете го додека да може убаво да се обликува (по густина слично на тестото за ванилици).




Потоа покријте го со кеса или проѕирна фолија за да не се суши, па кинете парчиња (приближно третинки или четвртинки од целото тесто) и со дланките формирајте долги валјачиња со дебелина на прст. Потоа сечете ги косо на парчиња од приближно 3 см (големината и формата на колачите можете да ја одредете сами).

пред печење




после печење

Колачите редете ги во плех обложен со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути (не треба многу да заруменат, туку да останат речиси бели). Оставете да се оладат, па пригответе ја глазурата:

Растопете го чоколадото на многу тивко со една лажица масло, па додајте ги ситно сечканите бадеми. Секој колач потопувајте го во чоколадото и редете го на решетка или врз мазна хартија и оставете го да се олади и стврдне (30 минути во фрижидер). Деталите погледнете ги ОВДЕ.