Фото и рецепт на Николинка Касап – Сусамки. Сусамките се нашите кекси од детсвото кои задолжително се приготвуваа барем еднаш во неделата. Главната состојка е сусамот, како што наведува самото име, а тоа е токму она што им е потребно на децата за да растат со силни и здрави коски.




Потребни состојки: 140 г брашно, 120 г путер или маргарин, 240 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 2 јајца, 2 лажици сок од лимон, 320 г сусам, 1 лажичка прашок за печиво.

Постапка: Прашокот за печиво помешајте го со брашното. Изматете го омекнатиот путер на собна температура заедно со шеќерот, па додајте ги јајцата, ванилата и лимоновиот сок. Изматете.




Намалете ја брзината на миксерот, па полека додавајте го брашното. Откако ќе добиете мазна изедначена смеса, додајте го сусамот и со лажица убаво промешајте да се соедини. Формирајте ги сусамките и редете ги во плех обложен со хартија за печење.




Редете ги на растојание. Ставете ги во претходно загреана рерна на 200 степени да се печат 10 минути. Потоа свртете ги на другата страна и внимавајте да не ги изгорите, бидејќи се тенки и многу брзо се готови. На почетокот се меки, но кога ќе се оладат стануваат крцкави и многу вкусни.




II РЕЦЕПТ. Сусамки без шеќер кои ќе ве вратат во детството – брза работа и за душата и за пречек на гости. Рецептот за сусамките кои ќе ве вратат во детството ни го претстави нашата членка, почитуваната Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Овие сусамки се приготвуваат со мед, наместо со шеќер.




Од ризницата на нејзината кујна можете да ги проследите и рецептите за кокосов локум, кантарионово масло, торта од 4 состојки, гужвана пита, шербет татлии, пита со спанаќ и урда, како и прекрасните декорации. Фото и рецепт: Габриела Миленкоска.




Потребни состојки: 100 г сусам, 60 г мед. Постапка: Двете состојки се ставаат на тивок оган. Суамот се пржи додека да зарумени. Потоа смесата веднаш додека е топла се излева врз хартија за печење. Се покрива одозгора со друг слој хартија, па со сукало се прави рамна, тенка кора. Веднаш се сечат штанглите со облик и големина по ваш избор.




БОНУС РЕЦЕПТ: Сусам коцки со мед и чоколадо. Потребни состојки: 200 г пeчен сусам, 180 г мед, 120 г чоколадо за готвење, 150 г маргарин, 200 г мелени посни бисквити, 100 г крупно сечкани ореви.




Постапка: Прво пропржете го сусамот во сува тава на тивок оган со константно мешање околу 5 минути. Треба да замириса и да добие златно-жолта боја, но бидете внимателни, бидејќи може лесно да загори ако не мешате постојано. Тргнете го сусамот од оган, па мешајте уште една минута додека малку да излади дното на тавата.




Бисквитите сомелете ги во блендер, а оревите крупно исечкајте ги со нож. Во еден поголем сад излејте го медот, чоколадото искршено на коцки и маргаринот, па загревајте на средна температура со постојано мешање додека да се растопат состојките и да се соединат.





Тргнете од оган, додајте ги мелените бисквити, сусамот и сечканите ореви, па добро промешајте. Ќе добиете смеса која на прв поглед нема да ви изгледа многу компактно, но така треба да биде. Земете помал плех 30х20 см и обложете го со хартија за печење.

Во него истресете ја смесата и со помош на лажица добро натапкајте за да се израмни. Кога целосно ќе се излади во фрижидер ќе се стегне добро и супер ќе се сече. Затоа, најдобро е да се остави неколку часа во фрижидер или уште подобро, преку цела ноќ. Потоа извадете го колачот заедно со хартијата и со голем остар нож исечете коцки со величина по ваша желба.