Заслугите за овој рецепт и припаѓаат на мојата пријателка Тања, а колачот има малку смешно име, но, веднаш да ви кажам, колачот е сè само не е „крш и лом”. Но, бидејќи го добив под таков назив, нека остане така!




Потребни состојки: 6 белки, 100 г шеќер, 1 лажица остро брашно, 100 г кокос, 1 прашок за печиво и 100 мл млеко за натопување на кората.

За крем: 6 жолчки, 6 лажици шеќер, 6 лажици густин, 500 мл млеко, 125 г маргарин или путер, 400 мл слатка павлака (200 мл за кремот + 200 мл за одозгора), 100 г бисквити (Petit buere) и 5-6 чоколадни бананчиња




Постапка за приготвување на кремот: млекото ставете го на оган да се загрее, а претходно одвојте малку за да ги разматите прашкастите состојки. Жолчките убаво изматете ги со шеќерот додека смесата да побели. Во оној одвоениот дел од млекото разматете густин.




Потоа додајте ја смесата од жолчки, па убаво измиксајте. Постепено додавајте ја смесата во млекото со постојано мешање додека да ја добие потребната густина. Оставете го кремот настрана да се излади со повремено промешување за да не фати коричка.




За кора: изматете ги белките во цврст снег, со потепено додавање на шеќерот додека целосно да се растопи. Со лажица додајте брашно, прашок за печиво и кокос, па со нежни движења, внимателно промешајте да се изедначи смесата, а сепак да остане воздушеста.




Смесата од белки излејте ја во калап, претходно обложен со хартија за печење и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути. Калапот во кој јас го печев беше 25х30 см. Кога кората е испечена, превртете ја на решетка за да можете да ја извадите хартија, па вратете го колачот и прелијте го со топло млеко.




Во изладениот крем измиксајте путер. На страна измиксајте 200 мл слатка павлака, па и таа додајте ја во кремот. Во вака соединетиот крем додајте мелени бисквити и малку измиксајте ги со кремот за да се изедначи, а потоа и сечкани крем бананчиња.

ситно исечкајте ги крем бананчињата




Промешајте и премачкајте го подизладениот колач. Одозгора нанесете го остатокот од изматената (200 мл) слатка павлака и по желба украсете со рендано чоколадо. / сигма – Coolinarika.com