Фото и рецепт на Валентина Делиманчева Андреева – Кростата со мармалад и јаболка.

Рецептот за оваа преубава, декоративна и многу вкусна кростата, ни го претстави нашата драга членка Валентина Делиманчева Андреева во групата НМД рецепти.

Потребни состојки:

300 г брашно
100 г шеќер
1 прстофат сол
2 јајца
75 мл масло
10 г прашок за печиво
1 лимон – рендана кора
неколку јаболка
шеќер во прав, цимет, ванила за наросување одозгора

Постапка:

Во длабок сад за месење ставете 300 г брашно, 100 г шеќер, прстофат сол, 2 јајца, 75 мл масло, една кесичка прашок за печиво и рендана кора од лимон.

Замесете убаво тесто додека да се изедначат сите состојки, па поделете го на две топки: една поголема и една помала. Од поголемата топка развлечете кора малку поголема од калапот во кој ќе се пече (26 см).

Поставете ја кората во калапот (обложен со хартија) со подигнати краеви на ѕидовите. Со виљушка избоцкајте ја кората на повеќе места и премачкајте ја со мармалад.

Од втората топка развлечете правоаголна кора и исечете ја на ленти со 2 см широчина. Јаболката излупете ги (може и не мора), па исечете ги на тенки парчиња.

Наредете прв круг од јаболка покрај ѕидот на калапот, па наредете лента од сеченото тесто (како преграда). До лентата повторно наредете парчиња јаболка. Постапката се повторува наизменично додека да се дојде до центарот.

Веднаш се става да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, додека малку да зарумени, околу 45 минути или подолго, во зависност од рерната. Печената кростата наросете ја со шеќер во прав, малку цимет и ванилин шеќер.

Фото и рецепт на Валентина Делиманчева Андреева