Како дете многу често јадев крокети кои ми ги подготвуваше баба ми, па ми остана традиција и јас често да им ги правам на дечињата и сопругот. Крокетите се подготвуваат со компир, а неодамна дознав дека можам да ги правам и со ориз, благодарение на свекрва ми. Искрено, на почетокот се двоумев и не очекував толку добар вкус, но откога еднаш ги пробав, сега постојано ги правам. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 чаши измиен ориз (400 г), 4 чаши вода, 1 мала лажичка сол, 1 главица кромид, 400 г мелено месо по ваш избор. И УШТЕ: 50 г путер, 6 јајца, 2 лажици скроб згуснувач, лебни трошки, сол, црн пипер, масло за пржење на крокетите. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 г компир, 200 г брашно, 40 г путер/маргарин, 50 мл вода, сол, вегета, 150 г кашкавал, 200 г сусам, масло за пржење.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: 400 г ориз прелијте го со вода и оставете го да кисне во неа најмалку 30 минути. Потоа фрлете ја таа вода и прелијте го со 4 чаши нова вода во тенџере. Додајте 1 лажичка сол и ставете да се готви на умерена температура додека да ја апсорбира целата вода и да омекне.
При готвењето може да го покриете со капак за побрзо да се свари. Кога оризот ќе биде готов префрлете го во еден сад и оставете го да се олади. За тоа време исечкајте ситно една главица кромид и ставете да омекне и застакли во тавче со масло. Потоа додајте го меленото месо.
Со повремено мешање, пржете го месото додека да посиви, а потоа да испари од течностите кои ќе ги испушти во тавчето. Кога месото ќе фати коричка, зачинете го по вкус со сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка, а може да ставите и некој друг зачин, по желба. Добро измешајте, па тргнете го тавчето од рингла и почекајте малку филот да се олади.
За тоа време, оладениот ориз измешајте го со 3 јајца и растопен путер и соединете ги состојките. Во еден мал, подлабок сад ставете проѕирна фолија и добро прилепете ја за страните на тестото, а малку оставете од фолијата да излегува од садот.
Додајте 1-2 лажици од оризот и распоредете го по страните за на средина да има вдлабнатина каде што треба да ставите 1 лажица од филот со мелено месо (погледни слика). Потоа добро затворете со целофанот и стегнете го оризот за да се формира цврста топка која не се распаѓа. Вака направете неколку топчиња од ориз додека да ви се потрошат состојките.
На сличен начин можете да обликувате и со рака, така што малку ориз ќе натапкате на проѕирна фолија на рамна површина, па на средина ќе ставите од филот со мелено месо и потоа ќе затворите со помош на фолијата.
ЗА ПОХУВАЊЕ: Изматете 3 јајца со скробот и измешајте добро да нема грутки. Секоја топка ориз прво ставете ја да се натопи во јајцата, па во садот со лебни трошки/презла. Пржете ги крокетите по неколку во длабоко загреано масло од двете страни додека да заруменат.
Кога ќе се испржат вадете ги на салфетка во овал за да се исцедат од вишокот масло, па послужете ги додека се уште топли. Имаат многу вкусен фил и заситуваат како цел оброк. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Излупен компирот исечете го на коцки и сварете го во вода во која сте додале малку сол, а потоа исцедете го и испасирајте го во пире. Додека е топол компирот додајте вегета и путер. Кога смесата малку ќе подизлади, измешајте брашно разматено со малку од водата во која се варел компирот и замесете тесто.
Готовото тесто поделете го на поголеми парчиња и на набрашнета површина формирајте валјаци, па сечете ги на парчиња со саканата величина. На секое парче ставете коцкичка кашкавал и обликувајте топче, внимавајќи кашкавалот убаво да биде покриен. Крокетите извалкајте ги во сусам и пржете ги во длабоко масло. Пржените крокети вадете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот масло.