Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Брзи крофнички без квасец, за 10 минути готови. Рецептот го испроба нашата драга членка Сузана Бајрам во групата НМД рецепти, а нејзиното воодушевуваање и постапката за приготвување ни го претстави преку фотографии.
Еве кои состојки ви се потребни за да ги направите овие вкусни и брзи крофнички: 2 јајца, 200 мл млеко, 8 г ванилин шеќер (една кесичка), 3 супени лажици шеќер, 1 прстофат сол, 380 г брашно, 12 г прашок за печиво (една кесичка) и 100 г чоколадо за глазура, 500 мл масло за пржење.
Постапка: Во подлабок сад за матење скршете две јајца, додадете една кесичка ванилин шеќер (8 г) и 3 супени лажици шеќер, па со жица маталка добро промешајте ги состојките додека малку да се растопи шеќерот. Потоа постепено додадете го млекото.
Промешајте за да се изедначи смесата, па започнете да го додавате брашното, најдобро просеано преку сито. Додадете и една кесичка прашок за печиво (12 г). Најпрво промешајте со лажица додека се да се добие компактна смеса, а потоа и со рака.
Месете го тестото додека да почне да се одвојува од ѕидовите на садот. И натаму треба да биде меко, но да не се лепи (или сосем малку). Тестото не се остава да одмора, туку веднаш се истресува врз добро набрашнета работна површина и се развлекува во кора.
Кората треба да биде дебела приближно 6-8 мм, а потоа со помош на модла вадете ги крофничките. Доколку немате специјална модла за вадење на прстенести крофни, тогаш истите можете да ги вадите со помош на една поголема и една помала чаша и на тој начин да добиете форма на прстен.
Во широка тава или тенџере загрејте половина литар масло за готвење, па започнете во него да ги спуштате крофничките. пржете ги по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Вишокот тесто што ќе ви остане при сечењето, повторно премесете го и развлечете кора.
Вадете крофнички и пржете ги додека целосно да ви се потроши материјалот. Пржените крофнички вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Од оваа количина излегуваат вкупни 18 крофнички доколку се сечат со специјалната модла.
Готовите крофнички можете да ги валкате во шеќер во прав, но најубави се кога ќе потопите во чоколадна глазура. Едноставно, 100 г чоколадо искршете го на коцки, додадете една супена лажица масло и растопете го на водена пареа или во микробранова печка.
Мешајте додека целосно да се растопи и да добиете течна и сјајна чоколадна глазура. Потопувајте ги крофничките од едната страна и редете ги врз чинија или хартија. Одозгора можете да ги наросите со чоколадни снегулки, чоколадни трошки или шарени трошки.
Оставете ги на страна додека убаво да се стегне чоколадото, а потоа уживајте во нивниот предобар вкус. Послужете ги со шолја чај, кафе или чаша млеко. Сите детали од нивната постапка за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.