Речиси да нема некој кој не ги сака јагодите, малините и останатото бобесто овошје. Сочното овошје кое дава посебна свежина на колачите и тортите е токму црвеното овошје.
Подгответе ги овие два прекрасни колачи без јајца и без печење, сѐ што ви е потребно е бобесто овошје, пишкоти/бисквити и малку труд за да излезе резултатот совршен. Колачите можат да се подготват со замрзнато или свежо овошје. Доколку ги подготвувате со замрзнато, одмрзнете го претходно. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВАТА (ПРВ РЕЦЕПТ): 210 г пишкоти, 200 мл ладно млеко. ЗА ФИЛОТ СО ОВОШЈЕ: 300 г малини (секое друго црвено овошје може да се замени наместо малини), 130 г шеќер, 300 мл вода, 1 кесичка пудинг од јагода или малина, 1 лажица густин.
ЗА ФИЛОТ СО КРЕМ: 400 мл слатка павлака, 400 г милерам (можна е каква било замена за милерам – крем сирење, АБЦ, маскарпоне), 120 г шеќер во прав, 1 кесичка желатин (со 4 лажици ладна вода). ЗА ГЛАЗУРА: 100 г темно чоколадо, 50 мл слатка павлака.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ 1 (ВТОР РЕЦЕПТ): 1,5 кг јагоди или друго црвено овошје, 500 мл вода, 100-200 г шеќер, 200 г гриз, 1 пакување пишкоти или бисквити за подлога, овошен сок за натопување на пишкотите по ваш вкус. ЗА ФИЛ 2: 1 литар млеко, 3 пудинзи од ванила, 2 кесички ванилин шеќер, 250 г путер, 8 лажици шеќер, 500 г сечкани јагоди, 3 кесички шлаг – за декорација.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Прво подгответе го овошниот фил. Во тенџере ставете 200 мл вода и додајте го овошјето и шеќерот. Промешајте и оставете да се варат околу 5 минути. Пудингот и густинот измешајте ги во 100 мл вода. Кога водата и овошјето ќе зовријат после 5 минути, тргнете го тенџерето од шпоретот, па веднаш измиксајте ги малините со рачен блендер или лажица (лесно се гмечат).
Тенџерето повторно вратете го на шпоретот, додајте ја смесата со пудингот и варете додека да се згусне, со повремено мешање. Пудингот релативно брзо ќе се згусне, се подготвува на вообичаен начин, само што наместо да се вари во млеко, се вари во смесата од вода и овошје.
Тргнете го тенџерето од шпорет и оставете ја смесата да се излади, покриена со проѕирна фолија, за да не фати коричка. Во еден квадратен сад со големина по ваша желба, наредете еден ред пишкоти, претходно потопувани во млеко. Колачот може да се прави и со бисквити, но јас го немам пробано така. Над пишкотите премачкајте со изладениот овошен фил и оставете да се излади во фрижидер.
ЗА ФИЛОТ СО КРЕМ: Растворете го желатинот со 4 лажици ладна вода и оставете го да набубри. Посебно изматете ја слатката павлака додека да се добие цврст снег. Измешајте ги милерамот и шеќерот во прав, па постепено додавајте ја слатката павлака и убаво изматете со миксер. Желатинот стопете го на тивок оган, постојано мешајте и веднаш додајте го во филот.
Над овошниот фил рамномерно распоредете го филот со бел крем. Тортата ставете ја во фрижидер додека ја подготвувате глазурата. ЗА ГЛАЗУРАТА: Чоколадото со слатката павлака растопете го на средна температура со постојано мешање додека да добиете течна чоколада, а потоа нежно прелијте врз колачот.
Оставете го колачот малку на собна температура да се стегне чоколадото, па ставете го во фрижидер да се излади, по можност преку ноќ. Послужете го следниот ден. Фотографии и рецепт на „Моја вкусна магија.“
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во калап со средна величина наредете еден слој пишкоти или бисквити, кратко натопувани во овошен сок. Неколку јагоди исечкајте на половинки и со нив обложете го работ од плехот (не мора). Доколку користите смрзнати јагоди, најпрво одмрзнете ги. Во 500 г јагоди додајте 500 мл вода и изблендирајте ги додека да добиете изедначена смеса-сок вкупно од 1 литар.
Овој еден литар сок од јагоди ставете го во поголемо тенџере на оган и додајте околу 100 г шеќер во прав или по вкус. Кога ќе зоврие, постепено додадете ги остатокот од јагодите (1 кг). Откако повторно ќе зоврие, во смесата со јагоди постепено додавајте гриз, мешајќи со жица додека да згусне. Оставете неколку минути колку да подизлади, па смесата излејте ја врз пишкотите и рамномерно распоредете.
ЗА ФИЛ 2: Во малку млеко разматете три пудинзи од ванила, а остатокот ставете го на оган заедно со 2 кесички ванилин шеќер и 10 лажици шеќер. Кога ќе зоврие млекото додајте ја смесата и мешајте постојано додека да згусне. Додека е топол, во пудингот додајте 250 г путер исечкан на ленти, па промешајте да се растопи и соедини.
Во подизладениот пудинг додајте 500 г јагоди и кршени пишкоти доколку ви останале вишок. Промешајте, па оваа смеса излејте ја врз филот од јагоди и израмнете. Оставете во фрижидер неколку часа, а потоа декорирајте со шлаг. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.