Фото и рецепт: Верица Николиќ
Ова е еден од оние колачи кои кога ќе ги пробате, сигурно нема да се задржате на едно парче.
Потребни состојки:
5 белки
170 г шеќер
1 прстофат сол
160 г мелени ореви
30 г брашно (или 3 полни лажици брашно)
за фил:
5 жолчки
150 г шеќер
30 г брашно
500 мл млеко
1 лажичка арома од ванила
200 г путер
Постапка:
Плех со димензии 40х30 см обложете го со хартија а рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени. Во подлабок сад изматете ги пенасто белките со прстофат сол. Потоа на 2-3 пати додадете го шеќерот додека матите. Продолжете со матење додека шеќерот да се растопи а белките да се претворат во цврст сјаен снег.
Во посебен сад измешајте ги мелените ореви со брашното, па додадете ги во снегот од белки и промешајте со лажица или шпатула.
Изматената смеса излејте ја во приготвениот плех и рамномерно распоредете и израмнете. Ставете да се пече половина час, односно додека површината благо да зарумени. Извадете го плехот од рерна и кората заедно со хартијата префрлете ја на работна површина. Оставете да излади, од одвојте ја од хартијата (превртете ја кората и многу лесно се одлепува).
Кората надолжно пресечете ја на четири еднакви делови, да се добијат четири кори. Ако ви се случи, како на мене, да краевите бидат препечени, од сите четири страни многу тенко отсечете ги краевите.
За фил: од половина литар млеко одвојте 100 мл, а остатокот оставете го да проврие. Жолчките ставете ги во подлабок сад и изматете ги со миксер. Постепено додавајте го шеќерот и матете додека да побелат.
Потоа додадете го брашното и соединете го со јајцата. Додадете го изматеното млеко и мешајте за да не останат грутчиња од брашното. Зовриеното млеко полека додавајте го во изматените јајца со непрекинато мешање со жица за матење.
Вратете ја смесата во садот каде што беше млекото и ставете на умерен оган за да се свари филот. Постојано мешајте додека да се згусне, а потоа тргнете го од оган и додадете арома од ванила. Промешајте, покријте со проѕирна фолија директно врз филот и оставете да излади.
Путерот омекнат на собна температура додадете го во целосно изладениот фил и изматете со миксер убаво да се соедини. Филот оставете го во фриидер околу 15 минути, дополнително да се стегне.
На чинија за сервирање ставете ја првата кора и испрскајте со малку млеко, со мала лажичка. Одозгора ставете три лажици од филот и рамномерно распоредете го преку целата површина. Преклопете со втора кора и нежно притиснете за да се залепи. И неа испрскајте ја со малку млеко, па нанесете три лажици фил… Повторете ја истата постапка и со останатите две кори. Остатокот од филот ставете го во шприц и украсете го колачот.
Оставете го во фрижидер да преноќи за да се стегне убаво филот, а корите да омекнат. Следниот ден исечете поголемо парче колач и уживајте во фантастичниот вкус.
Фото и рецепт: Верица Николиќ