ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 15 г сув квасец и за негово активирање: 2 лажички шеќер, 2 лажички брашно и малку топло млеко. За тесто: 300 мл млако млеко, 150 г шеќер, 1 прстофат сол, по 5 мл есенција од ванила, лимон и портокал, 1 до врв полна лажичка ситно рендана кора од лимон, 800 г брашно, 3 јајца, 80 г путер/маргарин
ЗА ФИЛ: 150 г шеќер, 3 супени лажици какао во прав, 250 г кокосови снегулки/брашно, 350 мл млеко. За премачкување: жолчка + лажица млеко. За наросување: гранулиран шеќер
ПОСТАПКА: во помал сад помешајте го квасецот со шеќерот и брашното, па додајте малку млако/топло млеко и мешајте додека да се растопат состојките и да добиете густа, мазна смеса. Тргнете го садот настрана на топло место додедка да се активира квасецот, 10-15 минути.
Во топлото млеко додајте го шеќерот, аромите за вкус (по желба) и ренданата кора од лимон, па промешајте со лажица додека да се растопат сите состојки. Во подлабок сад просејте го брашното. Во средината направете вдлабнување (или некаде настрана во садот), па тука додајте ги трите јајца и путерот кои претходно отстојале на собна температура (да не се ладни).
Потоа додајте го стасаниот квасец и млакото млеко во кое претходно го растворивте шеќерот. мешајте полека со лажица или кујнска шпатула додека брашното да ја впие течноста и да добиете компактно тесто. Потоа замесете го тестото со рака, како да го „пофаќате со лопатка“. Треба да биде меко и сосем малку лепливо.
Налијте му една-две лажици масло, па месете го на следниот начин: повлекувајте од секоја страна по малку тесто колку што можете да зафатите, како да го штипкате, па повлечениот дел преклопувајте го одозгора како да го диплите. И продолжете така од сите страни, додека да се впие маслото. После залијте го со уште една-две лажици масло и повторете ја постапката. На овој начин ќе добиете мазно, еластично и нелепливо тесто.
Преврете го обликувајќи го во топка и оставете го тестото да одмори 10 минути. После тоа, на истиот начин како и претходно месете го во следните 10 минути, со повлекување на едната страна, тегнење и преклопување, и сè така во круг, од сите страни. Со ова ќе ги добиете најголемите конци после печењето.
Повторно обликувајте го во топка па покријте го со проѕирна-стреч (најлонска) фолија и оставете го да ферментира два часа на топло место. На ваквото тесто му е потребно повеќе време за да стаса и убаво да го удвои волуменот. Потоа направете го филот: измешајте ги какаото и шеќерот, па додајте го кокосот и изедначете, па на крај залијте го млекото и мешајте додека да добиете изедначена смеса со конзистенција на влажен песок.
Стасаното тесто истресете го врз работна површина и на истиот начин премесете го само еднаш: потегни, повлечи и преклопи, од сите страни. Потоа поделете го на два дела за две плетенки, а потоа секој дел поделете го повторно на два дела. Потоа не треба повеќе ништо да месите. намастете ја сосем малку површината, потоа и дланките, па земете едно парче и повлечете го за сите четири агли и развлечете го во кора со правоаголем облик.
Врз целата површина нанесете четвртина фил, а потоа внимателно свиткајте го во ролат. Спојките на тестото добро залепете ги со штипкање за да не се отвора при печењето. Истото повторете го и со второто тесто. Двата ролата поставете ги еден преку друг како „Х“, па сплете ги спирално, а двата краја подбутнете ги под плетенката.
Вака подготвениот козињак ставете го во длабок и тесен калап (за леб или ролати) обложен со хартија за печење, покријте го и оставете го на топло место да стасува половина час. Потоа премачкјате го со разматена жолчка и наросете го со шеќер.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени, 60-70 минути. Ако забележите дека одозгора веќе е заруменето, покријте го козињакот со алу-фолија и допечете. Можете двете погачи одеднаш да ги печете. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.