Home ТЕСТО Козињак со крем од ф’стак (Дубаи)…Празнична приказна со современ пресврт

Козињак со крем од ф’стак (Дубаи)…Празнична приказна со современ пресврт

Во македонските домови, кога пролетта ќе ги разбуди полињата, а Велигден ќе затропа на вратата, кујните се исполнуваат со мирис на топло млеко, свежо тесто и приказни од минатото.

Козињакот, или како што некои го викаат „милиброд“, е многу повеќе од обичен колач – тој е симбол на семејството, на заедништвото и на радоста што се дели околу празничната трпеза.

Во фолклорот, козињакот се плетел со љубов, а неговите испреплетени ленти го симболизирале единството и вечниот круг на животот, пишува НМД.

Бабите, со искусни раце и вешти од годините, го меселе тестото, шепотејќи молитви за здравје и бериќет, додека децата нетрпеливо чекале да го вкусат првиот залак.

Овој рецепт за козињак со крем од ф’стаци е современ пресврт на старата традиција, каде што богатата арома на портокал и лимон се среќава со раскошот на ф’стаците.

Подгответе се да ја разбудите вашата кујна со магијата на празниците и да создадете нешто што ќе ги стопли срцата на сите околу вас, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

За тестото:

– 4 јајца (средна големина М)
– 200 мл млеко
– Кора од еден портокал и еден лимон (свежо изрендани, за да ја ослободат својата арома)
– 100 г шеќер
– 2 лажици мед
– Половина лажичка сол
– 7 г сув квасец
– 550 г бело брашно
– 70 г путер

За фил:
– 200 г крем од ф’стаци

За премачкување и украсување:
– 1 јајце + 1 лажица свежо млеко
– 1 лажица влажен шеќер (за крцкава кора)
– 30 г ф’стаци (сечкани, за празничен изглед)
– НМД

Постапка:

Во длабок сад, со миксер, разматете ги јајцата додека да станат пенасти. Додајте го ладното млеко, шеќерот, медот и миризливите кори од портокал и лимон.

Матете неколку минути, за да се соединат вкусовите во една хармонична смеса. Во брашното измешајте ја солта и сувиот квасец, па додајте ја оваа мешавина во течната смеса.

На миксерот ставете ги продолжетоците за тесто и почнете да месите. Нека машината работи 5-6 минути на највисока брзина, додека тестото почне да се обликува.

Доколку месите рачно, можеби ќе ви бидат потребни 7-10 минути за месење.

Малку по малку, додавајте го ладниот путер, парче по парче. Тестото ќе го впие, станувајќи сјајно и еластично. Продолжете да месите додека да се формира во мека, но компактна топка.

Извадете го тестото на намастена површина и нежно оформете го во топка. Префрлете го во длабока чинија, исто така намастена, и ставете ја во рерна загреана на 50°C.

Исклучете ја рерната веднаш штом го ставите тестото и оставете го да ферментира. Кога ќе порасне за два прста, подготвено е за следниот чекор.

Стасаното тесто поделете го на делови, според вашата желба. Секој дел раcукајте го во долгнавеста лента, премачкајте го со крем од ф’ст’ци и затворете ги како валјаци.

Потоа оформете плетенки од 2, 3 или 4 краци. Оформената плетенка ставете ја во соодветен калап и оставете повторно да ферментира во исклучена рерна на ист начин.

Разматете го јајцето со лажица млеко и нежно премачкајте ги козињаците. Поросете ги со влажен шеќер и сечкани ф’стаци за празничен сјај.

Загрејте ја рерната на 160°C. Ставете мала огноотпорна чинија со вода на дното на рерната – тајната за мек и сочен козињак.

Печете околу 30 минути. По 10 минути покријте со алуминиумска фолија за да не загори одозгора, а отстранете ја фолијата 2-3 минути пред крајот за да добие златна кора.

Кога козињакот ќе се излади, исечете го на дебели парчиња и послужете го со чаша топло млеко или чај. Нека мирисот на ф’стаци и цитруси ја исполни вашата трпеза, а приказните за традицијата продолжат да се плетат околу неа.

Добар апетит и весел Велигден ви посакува НМД! Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ: