Пржените лепчиња за многумина се омилениот појадок. Топли, вкусни, мирисни… Се приготвуваат многу брзо и не постои човек кој не сака да ги јаде. Некој ги сака топли со сирење и јогурт, а некои ги јадат со џем и чај… секој по свој вкус.
Но, овојпат ви ги претставуваме пржените лепчиња приготвени на корејски начин. Тие се толку многу сочни и вкусни, што веруваме дека откако еднаш ќе ги пробате, често ќе ги приготвувате на овој начин. Приготвени се во вид на тост.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: едно тост-парче леб, 2 јајца, малку сол по вкус, малку путер за пржење на тостот. За фил: лажичка џем од јагоди, едно тенко парче кашкавал. Секако, филот може да биде по вкус, па наместо џем да се стави крем сирење или можеби тенко парче сланина.
ПОСТАПКА: Земете една нелеплива тава (како онаа за палачинки на пример) и на многу тивок оган растопете една мала коцка путер. Путерот има ниска толеранција и на високи температури брзо согорува, па затоа секогаш растопувајте го на колку е можно пониска температура.
Пенасто изматете две јајца со виљушка и посолете. Излејте ги јајцата во загреаната тава со путер. Пржете на тивок оган.
Тенкото парче леб преполовете го, а истото сторете го и со тенкото парче кашкавал.
Ставете го едното парче леб во јајцата колку да се натопи, а веднаш потоа превртете го од другата страна. И натаму готвите на тивок оган.
Истото повторете го и со другото парче леб и поставете го до него. Потоа со помош на лопатка-шпатула, превртете ја „палачинката“ од леб и јајца.
Превртете ги вишокот краеви од омлетот врз лепчињата, така да добиете квадрат. На едната страна намачкајте џем/крем сирење/ајвар или нешто по ваш вкус, а од другата страна поставете го кашкавалот.
Затворете го тостот со помош на лопатката-шпатула и пржете го уште малку. Во тавата додајте уште сосем мало парче путер за да се запржи убаво тостот. Послужете го топол. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.