Мека како душа, се топи во уста. Убаво изгледа и има предобар вкус. А како само мириса……..

Можете да ја виткате и поинаку ако сакате поинаков облик и изглед.

Потребни состојки:

1 кг брашно +-

40 г свеж квасец

200 мл млака вода

300 мл јогурт

100 мл масло

1 цело јајце + 2 жолчки

2 лажички сол

2 лажици шеќер

300 г ситно сирење

200 г спанаќ

За премачкување:

1 јајце

20 г маргарин/путер

Постапка:

Спанаќот измијте го и издинстајте го околу 3 минути во солена вода. Процедете го и изгмечете го. Измешајте го си сирење. Ако е потребно посолете, во зависност од видот на сирењето и неговата соленост.

Квасецот измешајте го со вода, шеќер и лажица брашно па оставете да се активира.

Во голема вангла измешајте брашно и сол. Додадете го активираниот квасец, јогурт, масло, јајца, па замесете меко тесто. Најдобро е да месите со помалку брашно па полека да ја додавате потребната количина. Тестото е поубаво ако подолго го месите.

Оставете да надојде околу 30 минути.

Потоа премесете, поделете на три делови. Секој дел развлечете го во круг поголем од чинија. Тепсијата обложете ја со хартија за печење.

Врз еден круг тесто премачкајте половина од филот, потоа ставете го второто тесто, па фил па тесто. Префрлете во тркалезна тепсија. Виткајте како што е прикажано во видеото.

Потоа премачкајте со изматено јајце и ставете на повеќе места по малку маргарин/путер. Вклучете ја рерната на 200 степени таман колку да порасне погачата. Печете околу 40 минути. Ако горе малку повеќе зарумени, ставете хартија.