Ова е еден од оние колачи за кој секогаш се бара рецепт – ДЕН И НОЌ. Декоративен и многу убав, со префинет вкус и комбинација во филот од ореви и чоколадо го прави неодолив десерт за љубители на слатките.
Идеален е за различни видови прослави, бидејќи може да стои неколку дена без расипување и без да ја изгуби свежината. Ова е старински колач осмислен од нашите баби кој многу брзо се приготвува, а уште побрзо се изедува.
Со помалку состојки од вообичаено, а кои повеќето веќе ги имате в кујна, направете декоративен и превкусен колач. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за две бисквитни кори 30х20 см: 200 г несолен путер, 100 г кристал (гранулиран) шеќер, 5 јајца (одвоени белки од жолчки), 15 супени лажици брашно (300 г), 100 мл млеко. Смесата се дели на два дела, а во едниот се додава 2 супени лажици какао во прав
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 200 г путер, 140 г кристал (гранулиран) шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 150 мл млеко, 100 г мелени ореви, 50 г бадеми (или само 150 г ореви) и уште малку мелени ореви за наросување на колачот одозгора
ПОСТАПКА: Во подлабок сад сипете го путерот претходно омекнат на собна температура и додајте го шеќерот. Јас секогаш ставам помалку шеќер од количината што е назначена во рецептот, па затоа тука ќе ставам 100 г. Пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи и да добиете кремаста смеса.
Од 5 јајца во посебни садови одвојте ги белките, а жолчките сипете ги во путерот. Изматете ги со миксерот додека да се инкорпорираат во путерот. Потоа започнете постепено да го додавате брашното и млекото. Најпрво додајте 4 лажици брашно, изматете, па сипете 100 мл млеко.
Повторно изматете додека смесата да се изедначи. Остатокот од брашното додавајте го постепено, во неколку наврати. Вкупно ќе ви бидат потребни 15 лажици брашно. Маталките измијте ги и добро исушете ги, па следно изматете ги белките во пенаста и густа смеса.
Снегот од белки постепено додајте го во тестото. Мешајте со кујнска шпатула или лажица, а на крај изматете повторно со миксерот за да добиете фино, мазно тесто без грутчиња. Поделете го приближно на два еднакви дела, а во едниот дел додајте го какаото (две лажици), за една темна и една светла кора.
Плех со диманзии 20х30 см обложете со хартија за печење, па излејте ја смесата, распоредете ја рамномерно и израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20 минути. Кога ќе се испече кафеавата кора, на ист начин испечете ја и светлата кора.
ФИЛ: Во тенџере сипете ги состојки: путер, шеќер, чоколадо и млеко, па ставете да се загрее на умерена температура за да се растопат и соединат сите состојки. Тргнете го тенџерто настрана и додека смесата е сè уште врела, сипете ги мелените ореви (или мешавина од ореви и бадеми).
Оставете го филот да се олади, па премачкјате ја прво жолтата кора. Оставете три-четири лажици за премачкување на целата торта. Преклопете со кафеавата кора, премачкјате со остатокот од филот.
Наросете со мелени ореви и оставете да се олади, најдобро преку цела ноќ. Следниот ден исечете го. Овој колач колку подолго стои, толку е повкусен. Видеопрезентацијата на Аурора погледнете ја ОВДЕ. Уште еден рецепт „Стариот добар чоколаден колач кој сите го сакаат, некои го нарекуваат Катерина, некои – Ден и Ноќ“ – Прочитајте ОВДЕ.